Skip to main content

Во Куќата на Робевци отворена изложбата „Софрата во охридските килими“

Љубителите на уметноста и етнолошките богатства ќе имаат можност во наредните три месеци да уживаат во културното наследство кое ни го оставиле вредните раце на охриѓанки.

 |   | 

Рачно ткаени на хоризонтален разбој, со техника на мазно двонитно ткаење, еднакво за лицето и опачината, со орнаменти изведени рачно, со прсти и набиени со брдо, единаесет килими од  втората половина на 19 век, денес презентирани во Куќата на робевци како дел од изложбата „Софрата во охридските килими“. Килимите  презентирани на оваа изложба потекнуваат од Охрид и се сведоци за постоењето на една традиција, присутна во охридската куќа како на подовите, така и на ѕидовите. Како најкарактеристичен дел во килимите што е предмет на оваа изложба е софрата, вели м-р Марија Каневче  советник кустос етнолог во НУ Завод и Музеј Охрид.

„Софра, бидејќи тоа е еден од најкарактеристичните елементи во овие прекрасни килими и е најшарен и најубав. Ние порано ги имаме изложувано како целина но сега сакав доменот и сржта да бидат баш на таа софра. Се претпоставува дека порано фамилијата се собирала во тој централен дел, софра и отука доаѓа она што денес се вика софра или ниша како што се нарекува“ вели M-р Марија Каневче  советник кустос етнолог во НУ Завод и Музеј Охрид.

Каневче објаснува дека се користени природни материјали, во основата  е памук или коноп додека јатокот е волна. Килимите се под големо влијание на ориенталните и пиротските килими што најмногу се забележува во шарите. Тие се составени од повеќе делови т.н. тени, а композицијата главно се сведува на бордура, поле и  централна петоаголна софра или ниша.  Килимите се постилале на душемето во пространите гостински одаи или чардаци , за делник биле наменети едни, а за празник поубави и понови. Килимите биле сопственост на побогатите слоеви на христијанското охридско население за што сведочат натписите со имињата на сопствениците, а исто така го прикажувале и статусниот симбол на сопственикот во општеството.

Елеонора Новаковска в.д директор на НУ „Завод и Музеј“ Охрид, вели дека големи се шансите овој мал дел од охридската музјеска ризница да биде виден и во останатите градови од земјава.

„Веќе разговараме со колешката од Битола, со нашите колеги од Завод и музеј, да воспоставиме еден вид на соработка и да почнепретставувањето на културното наследство од ваков вид, ова е малку полесно за пренесување, да земаме ние нивни изложби, тие наши, се надевам дека во наредната година дека можеби и од сопствени средства на заводот бидејќи ова не е нешто прескапо скапо е неговото значење, огромно“ потенцира Новакоска.

Инаку орнаментика во Охрид јасно го одделува од другите балкански и македонски килимарски центри , со што го прави најзначаен и најоригинален центар во овој регион.