Skip to main content

Охридското езеро се наближува до дозволената минимална кота

Екологистите велат дека причината за ова се климатските промени и испарувањето на водата, додека пак активистите на неформалната „Охрид Сос“ со став дека големите разлики се  резултат на несоодветниот начин на регулирање на истекот на Охридското Езеро во реката Црн Дрим. Од ЕЛЕМ децидни дека испустот е на минимум, а дека состојбата постојано се следи.

 |   | 

Од месец мај до сега, нивото на Охридското езеро намалено за околу 80 сантиметри. Екологистите предупредуваат дека причина за ова се климатските промени и испарувањето на водата. Екологистот Лазо Наумоски објаснува дека на годишно ниво од езерото испаруваат преку 350 милиони кубни метри вода годишно. Тоа е голема количина на вода, додека на годишно ниво преку Дрим истекнуваат дополнителни милијарда и 300 милиони,а научно и стручно докажано е дека 40% од истечената вода испарува.Наумоски додава дека доколку продолжи ваквата состојба, најмногу ќе биде погоден живиот свет во езерото.

„Со климатскиве промени ќе се соочиме не само со намален водостој, туку да се намали и приливот на води. Доколку се изградат мини акумулации во Дебрца ќе може да интервенираме на езерото“ рече екологистот Лазо Наумоски.

Според Наумоски изградбата на две акомулации во Дебрца ќе биде решение за регулацијата на езерото, но треба што поскоро истото да се имплементира за да нема вакви големи осцилации со водата.

Активистите на неформалната „Охрид Сос“ неодамна преку соопштение со став дека големите разлики се  резултат на несоодветниот начин на регулирање на истекот на Охридското Езеро во реката Црн Дрим, по чие течение на македонска страна се наоѓаат две хидроцентрали.

„Затворете ги испустите на Дрим кај Струга.Водата во Охридското езеро е значително намалена.Во Каналов „Студенчишта” има „влезено” поголема количина на плашица која може да угини поради недостаток на кислород. Билјанини извори „секнаа” од пумпите на Водовод па нема дотур на свежа вода во каналов” стои во објавата на „Охрид СОС“.

Од ЕЛЕМ пак, децидни дека испустот е на минимум. Велат дека место за паника нема, бидејќи најновите мерења покажуваат дека нивото водата е 16см над дозволената минимална кота, а состојбата постојано се следи. Од ЕЛЕМ очекуваат пораст на нивото на езерото со најавата на есенските дождови.