Skip to main content

За две недели три жртви во сообраќајни несреќи на патниот правец Охрид-Кичево

Вчера околу 19 часот кај Подмоље животот го загуби 40 годишен Мешеиштанец кој со мопед се судрил со патничко возило „Цитроен ксара“ со охридски регистарски ознаки . Од полицијата велат дека на овој магистрален пат најчести причини за несреќите  се преголемата брзина, претекнување  и непочитување на сообраќајната сигнализација.

 |  Соња Рилковска  | 

Во две недели три фатални сообраќајни несреќи  во кои животот го загубија три лица,  а десетина се повредени. Ова е црниот биланс од билтенот на СВР Охрид,  кој повторно го вклучи алармот.  Вчера во тешка сообраќајка кај  селото Горенци загина 40 годишен жител на Мешеишта. Пред два дена на патот Подмолје Кичево кај селото Мислешево, во страотна сообраќајка  меѓу автомобил и автобус, едно лице го загуби животот а петмина завршија во болница.  Истиот ден во струшко кај селото Теферич 17 годишник со возилото излетал од патот.

Пред десетина денови во сообраќајка кај Свети Еразмо загина 38 годишен  охриѓанец  а неколкумина повредени  завршија на лекување во болница.
Најчеста причина за несреќите  е преголемата брзина, претекнување  и непочитување на сообраќајната сигнализација.

„После Подмолје па се до Пресека тоа е пат во изградба нели тука се гради автопатот и тоа е еден отежнувачки елемент или околност поради кои што во изминатиот период се случиле значителен број на сообраќајни незгоди. Поради тоа сообраќајните патроли се зачестени поприсутни на овој патен потег и се обидуваат превентивно но секако и репресивно да делуваат“, вели Стефан Димоски портпарол на СВР Охрид.
Црни точки во охридско се патниот правец од Охрид кон Кичево  и патот кон охридските плажи. Полицијата постојано работи на превентивни кампањи за зголемување на безбедноста во сообраќајот. Од таму апелираат на поголема внимателност.

„Да се почитуваат сообраќајните правила и прописи. Брзината на движење во и надвор од населено место да се носи  безбедносен  појас да не се зборува на мобилен телефон и секако да се внимава на севкупната безбедност, на личната безбедност и на другите учесници во сообраќајот.Нашите кампањи се насочени и кон пешаците. Да се користат обележаните пешачки премини, а не на места каде пешаците мислат дека  може да го прават тоа“, додава Димоски.

Годинава  во  Охрид случени се  околу 200  сообраќајни несреќи. Стотина  лица завршиле во болница со тешки телесни повреди,  а  шестмина   го загубија животот.