Skip to main content

Деновиве Владата ќе донесе одлука за преземање на колекторскиот систем

Се очекува деновиве Владата да донесе одлука за преземање на колекторскиот систем заедно со побарувањата и обврските што се направени при неговото функционирање.  Градоначалникот Јован Стојаноски вели дека сите услови се исполнети за решавање на овој значаен проблем за Охрид.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Прашање на време е кога Владата ќе донесе одлука за преземање на колекторскиот систем заедно со побарувањата и обврските што се направени при неговото функционирање. Градоначалникот Јован Стојаноски вели дека сите услови се исполнети и дека пред Владата ќе се достави усвоената одлука на советите на општините Охрид и Струга за поделба на МЈП ПРОАКВА на три дела.
Ние донесовме одлука, останува на Владата да донесе одлука. Очекувам дека ќе добиеме позитивен одговор. Не може да се сокрие фактот дека приоритет во инфраструктурните работи во Охрид е токму колекторскиот систем, потенцира градоначалникот на Охрид Јован Стојаноски.
Охрид и Струга должат околу 450 милиони денари кон Министерството за финансии, а државата има намера да ги преземе тие долгови. Премиерот на Република Македонија Зоран Заев на крајот на минатата година најави дека Владата ќе го преземе управувањето со колекторскиот систем во Охрид заедно со сите побарувања и обврски. Во интерес на ова оди и одлуката на Владата на општините кои се задолжени да им помогне да покријат дел од долговите кои ги имаат.
Решавањето на задолженоста на Општина Охрид ќе може да се постигне во наредниот петтогодишен период, но исклучиво со домаќинско работење и се надевам дека ќе стигнеме до тоа ниво кога надоместокот за уредување на градежното земјиште ќе биде наменски искористен, вели Стојаноски.

Инаку подготовките на поделбата на МЈП „Проаква“ и префрлањето на колекторот под државна капа се во тек. Досега се направени статутарни измени и донесени се одлуки на Управниот одбор на претпријатието.