Skip to main content

Падна уставноста на ДУП за урбана зона еден во старото градско јадро

Падна уставноста на Деталниот урбанистички план за урбана зона еден во  старото градско јадро. Уставниот суд ја укина одлуката на охридскиот совет донесена пред 4 години за измена на ДУП.  Од поднесената иницијатива на граѓанин, уставниот суд увидел дека не се испочитувани одредби од  Законот за Охрид. 

 |  Валентина Неловска  | 

Падна одлуката на Советот на општина Охрид за измените на Деталниот урбанистички план за урбана зона 1 блок 1.2 , 1.4 и блок 3.4. Уставниот суд на Република Македонија ја укина одлуката на охридскиот совет донесена пред 4 години која се однесува на потегот кој го опфаќа брегот на езерото по улиците Илинденска и Кирил и Методиј, го заобиколува калето и завршува на езерскиот брег кај местото Грданов мост и мал опфат од населбата Кошишта. Одлуката ја потврдува Томе Џамтоски, портпарол на општина Охрид, кој информира што стои во обемното образложението на Уставниот суд на РМ за укинување на ДУП-от за Урбана Зона 1 за неколку урбанистички блока.

„Одлуката на Уставниот суд е дека во одреден дел не е запазена процедурата и не е испочитуван член 8 од став 1.2 од Законот за старото градско јадро или попознат во јавноста како Законот за Охрид. Се работи за нова градба за која нема претходни археолошки истражувања. Образложението е на повеќе страници и се наведуваат и ред други забелешки, но ова Уставниот суд го забележал како недостаток“, укажува Џамтоски.

Секторот за урбанизам при ЛС Одлуката на Уставниот суд ја добил на крајот од октомври. Во меѓувреме е побарано мислење од Министерството за транспорт и врски, од Градежниот инспекторат и од Инспекцискиот совет како посебен орган како ќе се применува оваа одлука. Во моментов има дилема како ќе се применува во пракса, вели Џамтоски.

„Уште една работа што произлегува од Уставниот суд, правните лица или граѓани кои ја активирале и ја обезбедиле потребната документација од општина Охрид ќе продолжат со започнатите активности, а оние кои се во фаза на обезбедување на документите ќе бидат стопирани до расчистување на ситуацијата дали ќе важи стариот детален урбаистички план или ќе се носи нов урбанистички план“, посочува Џамтоски.

Во моментов се стопирани сите градежни активности во овој дел од старото градско јадро. Се чека мислењето од трите надлежни институции.