Skip to main content

Ново оштетување на дел од градското пристаниште

Последното големо невреме кое го зафати Охрид, предизвика ново оштетување на дел од градското пристаниште.

 |   | 

Последното големо невреме кое го зафати Охрид, предизвика ново оштетување на дел од градското пристаниште. Од капетанија објаснуваат дека оштетувањето не ја загрозува стабилноста на објектот и додаваат дека веќе се известени надлежните органи во градот. Сопствениците на пловни објекти велат дека станува збор за стар објект кој датира од далечната 1938 година, на кој му е неопходна поопширна санација.

Градското пристаниште со тек на време попушта под налетот на брановите. Последното оштетување е голема пукнатина на пристапниот дел која настана по големото невреме кое го зафати Охрид во март годинава. Сопствениците на пловни објекти велат дека со секое ново невреме оштетувањата на пристаништето стануваат поголеми. Интервенција е повеќе од потребна додаваат тие.

„Разјадено е, уништено. Како што гледате од брановите кога беа, цело лето помина и зимата ќе фати уште ништо не е направено“, вели Ираклија Каневче-кајчар.

„Имало случаи каде што туристите се шетале, па пропаднале во таа дупка и се сопнале. Не е убава слика и за градот како туристичко место. Во Европа една коцка да фали, една коцка ќе ја стават…“, вели Ристе Попоски- кајчар.

Пукнатината на пристапниот дел на пристаништето кој служи за спуштање на кајчиња, глисери и други помали пловни објекти не ја загрозува стабилноста на објектот велат од Капетанијата на пристаништа на Република Македонија. Оштетениот дел може да се санира со помал зафат.

„По самиот кејски ѕид, односно пристанишен ѕид, постојат дупки и девијации кои мора да се избегнат, како горните камења не би паднале во тие вдлабнатини, а исто така голема е потребата и од негова надградба бидејќи од година во година имаме сè повеќе пловни објекти кои треба некаде да бидат сместени“, рече Горан Устијаноски- капетан на пристаништа Охрид.

За овој проблем од Капетанија ги известиле надлежните органи во градот. Побаравме одговор од локалната самоуправа дали во проектот за реконструкција на кејот предвидени се и зафати за санација на пристаништето. Од општината за овој проблем ни ветија одговор во текот на утрешниот ден.