Skip to main content

Младите научници од охридската гимназија демонстрираа дел од своите знаења

Екстракција на ДНК, антидепресиви добиени од литиумски батерии и многу други интересни експерименти денес беа дел од  демонстрацијата на наградените проекти по хемија и биологија од  натпреварот „Ноември – месец на науката“.

 |   | 

Екстракција на ДНК, антидепресиви добиени од литиумски батерии и многу други интересни експерименти денес беа дел од  демонстрацијата на наградените проекти по хемија и биологија од  натпреварот „Ноември – месец на науката“. Наоружани со практични и теоретски знаења,  oхридските гимназијалци уште еднаш покажаа дека се меѓу најдобрите во државава.

Теодор Тасевски од втора година од охридската гимназија заедно со својот другар Стефан Николиќ, го освоија третото место на неодамна одржаниот натпревар  „Ноември – месец на науката“, по предметот Биологија.  Тимот на професорката Николина Трпоска  на денешната презентација покажа како може да се направи екстракција на ДНК од човекова крв.

„Целта на нашиов експеримент е да прикажеме еден од начините на екстракција на ДНК од крв. Со ово експеримент настапивме на „Ноември – Месец на науката“ и успеавме да освоиме III место. Сакаме да покажеме еден начин на екстракција на ДНК, вон лабораториски услови и без лабораториска опрема“, Теодор Тасевски – втора година ОСУ „Св. Климент Охридски“.

Од неодамна охридската гимназија со средства од Локалната самоуправа  и ресорното министерство ги опреми кабинетите по природни науки со нагледно наставни средства што во голема мерка ќе придонесе за подобрување на квалитетот на наставата.

„Многу е важно, пред се условите со кои располага кабинетот. Конкретно за нашиот предмет Биологија можам да кажам дека микроскоп ни е најнеопходен и соработуваме со другите кабинети од каде позајмуваме лабораториски инструменти. Треба еден кабинет да биде добро опремен за да можеме сите овие експерименти да ги изведеме“ вели  Николина Трпоска – професор Биологија.

На денешната презентација се претставија и најдобрите хемичари од гимназијата секој со свој проект. Велат дека на натпреварот после знаењето секогаш е најважни се креативноста и иновативноста.  Присутните имаа можност да видат како вон лабораториски услови може да се добијат  антидепресиви од литиумски батерии или да видат што е тоа „Хемиски камелеон“.

„Од литиумската батерија го вадиме литиумот кој е анода во самата батерија. Потоа литиумот го реагираме со вода. При реакција на литиумот со водата се добива соединението литиум хидроксид а во втора реакција реагираме хлороводородна киселина со натриум хидроген карбонат при што се ослободува јаглероден диоксид. CO2 преку оваа цевка се пренесува до литиум хидроксидот со што реагирааат и се добива литиум карбонат кој е активна супстанца во антидепресивите“ објасни Филип Николовски – ученик IV година.

„Се работи за оксидоредукциски процес. Целиот процес е реакција помеѓу калиум перманганат и натриум хидроксид со глукоза која се одвојува од шеќерот. На крајот Манганот се пренесува од +7 во +6 во +4, тоа е моментот кога се менуваат боите кога астанува целата реакција“, покажа Харитина Димоска – ученик II година.

Денешната демонстрација на експерименти е во склоп на активностите со кои  гимназијата „Св. Климент Охридски“ го чествува патрониот празник. Свечената приредба по повод патронатот ќе се одржи во четврток во големата сала на Центарот за култура „Григор Прличев”.  А чествувањата завршуваат во петок, за кога е предвидена презентација на новите кабинети и опрема, отворање на изложба со уметнички дела на ученици, доделување на сертификатите од летната школа по информатика, доделување на награди за најдобри литературни, уметнички и музички творби на училишниот конкурс по повод патрониот празник и странските јазици низ традиционалните кујни на Италија, Франција, Германија и Англија.