Skip to main content

Во Охридското езеро се евидентирани шест неавтохтони видови риби

Во Охридското езеро се евидентирани шест  неавтохтони видови риби. Сончарката  и видот гамбези се меѓу рибите јабанџии кои подолго време се одомаќинети во езерските води. За нивно одстранување се потребни големи финансиски средства, напоменуваат биолозите за борбата со нивно справување.

 |  Валентина Неловска  | 

Биолозите од Хидробилошки институт детектираа видови риби кои живеат во Охридското езеро ,а не се автохтони видови. Рибите јабанаџии, како што ги нарекуваат шесте видови веќе подолго време се одомаќинети во езерските води, информира Зоран Спиркоски од Хидробилошкиот институт. Нивната намера е да се справат со нив, вели Спиркоски.

„Ние настојуваме тој проблем да се реши не само во Охридското езеро туку и во сите води во Македонија. Нашите слатки води се богати со ендемични видови риби кои може да бидат загрозени и се загрозени од оние кои се странци во тие екосистеми“, подвлекува Спиркоски.

Рибите јaбанџии во езерските води се присутни подолго време. Борбата на биолозите со неавтохтоните видови е присутна секаде во светот. Некаде таа борба е успешна ,а некаде не. За тој зафат се потребни соодветни пристапи и големи финансиски средства. Рибите јабанџии може да бидат опасност и да ги загрозат автохтоните видови, напоменува Спиркоски.

„Не еден ист вид се однесува исто во секој различен екосистем. Секаде е различно нивнот однесување. Се зависи од самиот екосистем , од целокупната рибна фауна. Аналогно на тоа и од притисоците на загадувањето“, информира Спиркоски.

Меѓу шесте видови риби јабанџии се сончарката и гамбези. Сончарката , како неавтохтон вид на риба е евидентирана во 1993 година. Гамбези рибата, пак која се храни со комарци е пуштена во езерото во периодот кога населението на овие простори се борело против маларијата.