Skip to main content

Плашицата се помалку барана на пазарот

За да се одржува популацијата на плашицата неопходно е да се даде каналот Студенчишта под концесија. Неодамна се случи еден поголем помор на плашицата, а стручњаците велат дека една од причините за тоа е што оваа риба е многу размножена, а не се изловува во доволни количини.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Плашицата се помалку барана на пазарот. Оваа риба која е карактеристична за охридскиот регион, многу се конзумираше во минатото, но во последниве петт- шест години нема интерес за нејзино изловување, а многу ретко се нуди во рестораните во градов. Граѓаните оваа риба порано многу ја користеа и во секојдневната исхрана, а посебно во овој период кога се посните слави. Неодамна се случи еден поголем помор на плашицата, а стручњаците велат дека една од причините за тоа е што оваа риба е многу размножена, а не се изловува во доволни количини.

Концесионерот на рибниот фонд во езерото во изминатиот период изловуваше само охридска пастрмка и белвица и во помали количини крап. Останатите риби воопшто не се изловуваа, па тоа е една од причините што плашицата дојде до ваква состојба, вели Д-р Трајче Талевски од Хидробиолошкиот завод.

Талевски објаснува дека десеттина рибари во еден ден со помош на специјален алат наречен влаче можат да уловат и до 10тина тони. Бидејќи цената за еден килограм плашица е 100ден. тоа би значело заработка од околу 5000 евра.

Пред десеттина дена е објавен конкурсот за доделување на рибниот фонд на Охридското езеро. И повторно е изземен каналот како место кое ќе биде дадено под концесија, вели Талевски.

За да се одржува популацијата на плашицата неопходно е да се даде и каналот Студенчишта под концесија бидејќи тој засега е единственото зимувалиште на оваа риба. Научната фела од Хидробиолошки завод смета дека ако оваа риба премногу се размножи ја намалува храната на охридската пастрмка и на индиректен начин го загрозува нејзиниот опстанок.