Skip to main content

Охриѓанката Ивана Маховска Шикалеска е добитничка на наградата најдобар наставник по Германски јазик

Нејзиниот иновативен проект наречен „Туристички водич за млади“, како и можноста за негова практична примена и ја донеле победата.

 |   | 

Секоја година „Гете Институтот“ во соработка со германската амбасада следејќи ги достигнувањата на наставниците и секако нивните усовршувања во текот на целата година, ја доделува наградата на наставници кои се иновативни и кои на своите часови спроведуваат креативни проекти. Годинава, наградата за најдобар наставник по Германски јазик во земјава ја доби охриѓанката  Ивана Маховска Шикалеска со проектот „Туристички водич за млади“.

„Труд треба многу. Еден наставник за да биде успешен и креативен треба да се труди многу, поготово користејќи ги сите овие ресурси кои ние ги имаме на располагање во основното образование, кои за жал се мали. Јас секогаш велам дека добар наставник е оној наставник кој од ништо буквално ќе направи нешто. Наградата не е само за мене привилегија туку и за учениците кои на крај добиваат еден готово производ со кој се горди сами на себе“ вели Шикалеска – професор Германски јазик.

Во Македонија германскиот јазик е дел од материјата во основното и средното образование во градски и селски средини. Моментално во земјава има повеќе од 300 наставници по германски јазик, споредбено со пред околу 30-тина години, кога имало само четириесетина. Еден наставник за да напредува во својата работа, мора да ги следи модерните трендови во наставните методи за работа на час и секако, мора постојано да се обучува, вели Шикалеска. Во финалето на изборот, учесниците требало да презентираат проект пред претставници од германската амбасада како и пред претставници на „Гете институтот“ во земјава. Нејзиниот иновативен проект и можноста за негова практична примена и ја донеле победата.

„Станува збор за проектот наречен „Туристички водич за млади“. Мислам дека во општина Охрид, сеуште не постои туристички водич кој е исклучиво за млади, поготово не по Германски јазик, така да крајниот производ, електронската брошура ќе ни користи на сите граѓани на Општина Охрид“, објаснува Шикалеска – професор Германски јазик.

„Туристичкиот водич за млади“ е замислен како електронска брошура која ќе ја изработат учениците од трета година од средното економоско училиште од Охрид, а потоа истата ќе ја споделат со основците и средношколците од земјава, но и од Европа со помош на апликации од „Гете институтот“. Шикалеска е пресреќна што учениците денес ја препознаваат потребата од изучување на Германскиот јазик, и вели дека ако некогаш познавањето на странски јазик било богатство, денес тоа е и богатство но и потреба за младите. Наградата беше доделена на почетокот од месецов во Амбасадата на Сојузна Република Германија во Скопје,  од страна на Директорката на Гете-Институт Скопје г-ѓа Тања Кригер, г-ѓа Гордана Бабоска и претставници од Амбасадата.