Skip to main content

Андоновски: Ракометарите на РК Охрид заслужуваат почит

Утре, ракометниот клуб Охрид против Радовиш ќе го одигра последниот натпревар во есенската полусезона во Суперлигата. Ракометарите се надеваат со победа и 30 бодови на табелата да ја заокружат 2018та година.

 |   | 

Ракометарите на Охрид утре на домашен терен го пречекуваат тимот на Радовиш во последниот натпревар во Супер лигата за оваа календарска година. Искусната екипа на Радовиш која во составот го има најдобриот стрелец во лигата Ивица Илиев и двајца црногорски интернационалци не треба да се потцени.

„Во дуелот со Радовиш очекувам победа. Не би рекол дека ќе биде лесен натпревар. Не смее да се потцени противникот. Доколку се потцени Радовиш знае да ја искористи шансата. Многу се искусни и долги години играат во лигата.“– изјави голманот на РК Охрид, Мартин Јовановски.

Младите во клубот ја одработија 9тата  победа совладувајќи го со 43-29 последнопласираниот на табелата Борец .

„Вчера ја искористивме шансата што ни ја даде тренерот Андоновски. Поубаво е чувството кога се игра во Суперлига посебно пред домашната публика. “ кажа левото крило Николче Ристески.

Охрид има проблем со болни играчи но се надеваат дека ќе го завршат есенскиот дел од првенството со победа и 30 бодови на табелата. Според нивниот предводник иако утрешниот им е трет натпревар во 6 дена тоа не би требало да претставува проблем.

„Екипата континуирано добро работи уште од август и физички е подготвена. Имавме голема ротација во Скопје со Вардар, имавме ротација каде што младите добија шанса вчера со Борец и ја искористија максимално и дека се заслужено први во младинска лига. Мислам дека ги зачувавме силите за во четврток со Радовиш и покрај тоа што имаме болни играчи. Охридската публика покажа дека е со нас, се надевам дека и утревечер ќе биде со нас. “– кажа тренерот Горан Андоновски.

Среќен сум што во моментов разговараме за плеј оф а не за опстанок на кубот. Играчите заслужуваат почит затоа што во многу тешки натпревари дадоа натчовеки напори и го доведоа клубот таму каде што е сега, кажа тренерот Андоновски.

„Пред почетокот на првенството одвај составивме екипа. Планот беше реално да се најдеме на средината на табелата и оваа година да го стабилизираме клубот. Ние сме во моментов далеку над планот. Не само со првата постава која ќе заврши на второ место, што беше утопија пред почеток на првенството, туку и со младинската екипа која во моментов од седум натпревари има седум победи. “ – потенцира Андоновски.

Утрешнит натпревар со Радовиш во СРЦ Билајнини Извори закажан е за во 18 часот. Во петок РК Охрид заминува за Холандија каде ќе одигра натпревари со реномирани екипи на меѓународен турнир.