Skip to main content

Запрена е исплатата за штетите од земјотресите во Охрид 2017та

Формирана е посебна комисија која ја чешла документацијата за исплатите а покрената е и дисциплинска постапка против службеник во општината.

 |   | 

Формирана е посебна комисија која ја чешла документацијата за исплатите а покрената е и дисциплинска постапка против службеник во општината. Оваа информација од локаната следи откако од ВМРО ДПМНЕ обвинија за спорни плаќања на суми поголеми од настанатата штета.

Исплатата на штетите од земјотресите што се случија летото во 2017 година во Охрид е запрена откако на 6ти декември лани започнал увид во документацијата за евентуални спорни плаќања. Ова објаснување доаѓа од локалната самоуправа по обвинувањата од ВМРО ДПМНЕ дека поседуваат информации, според кои Oпштина Охрид преку исплаќањето на штети за земјотресите Комисијата од општината доделила поголема сума на пари од штетата што се случила, за еден ист објект, на повеќе лица од едно семејство кои живеат на истата адреса во истиот објект.

Според ВМРО ДПМНЕ, се работи за близок човек до СДСМ и до актуелното раководство во општината.

„За истиот овој случај, нашите информации велат дека се води и дисциплинска постапка во тајност поради уцени, за Претседателот и членовите на Комисијата за утврдување на штетите. СДСМ веднаш треба да одговорат за колкава сума на пари се работи, на кои луѓе се поделени парите и да приложи слики од штетата на објектот? Дали и за кои членови се води дисциплинска постапка и во какви корелации се со актуелното раководство на СДСМ во Охрид и во општината?“, праша на прес конференција Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Од ВМРО ДПМНЕ побараа надлежните институции да спроведат соодветна истрага и веднаш да се сноси одговорност. Од локалната обвинувањата ги отфрлија како неаргументирани. Но потврдуваат дека се води дисциплинска постапка.

„На 14.12.2018 година формирана е комисија со решение бр. 09-17994/1 со задача по увидот врз документацијата да направи записник за плаќањата, а на 31.12.2018 година е покрената дисциплинска постапка против државниот службеник кој е председател на комисијата. Дисциплинската постапка ја води посебна комисија од седум члена која е формирана на 04.01.2019 година.“, велат од локалната.

Од локалната потсетуваат дека Комисијата за процена и утврдување на висината на штета настаната од природни непогоди, епидемии, епизоотии, епифитотии и други несреќи е формирана на 18ти јули 2014 година со одлука на Советот на општина Охрид, односно од претходната локална власт на ВМРО- ДПМНЕ.