Skip to main content

Екипите на ЈП „Охридски комуналец“се справуваат со снежните врнежи во Охрид и околината

По интензивните врнежи на снег сите патни правци кон и од Охрид се проодни. Екипите на ЈП Охридски комуналец постојано ги чистат улиците и тротоарите низ градот според категоризацијата. Апелираат граѓаните да го почитуваат Законот за јавна чистота и да се вклучат во расчистување на снегот секој пред својот објект.

 |  Валентина Неловска  | 

Екипи на ЈП „Охридски комуналец“ од раните утрински часови работат на расчистување на снегот кој го зафати Охрид и околината. Постојано се чисти снегот од улиците и тротоарите според постоечката категоризација на приоритет, информира Љупчо Грданоски директор на ЈП. Утрово, снежните наноси биле мали па се посипувала ризла, а како интензитетот на снежните врнежи растел се употребила и тешка механизација. Интервенирале на чистење на патните правци кон селата и населбите во високите предели кон селата  Велестoво, Елшани, Коњско и населбите Варош и Бараки, а го чистеле и снегот на патот кон Кардиолошкиот завод Св. Стефан. Директорот Грданоски напоменува дека се подготвени за справување со снежните врнежи.

„ Обезбедени сме максимално со количини од сол и ризла. Целата механизација е на располагање и целокупната работна сила од јавните претрпијатија и од останатите јавни претпријатија, против пожарната служба е во приправност и помагаат во периферните делови од градот за расчистување на улиците и тротоарите“, вели Грданоски.

По најавите за интензивирање на снежните врнежи, Грданоски упатува повик до граѓаните. Апелира сите да го почитуваат Законот за јавна чистота и да се вклучат во чистење на снегот пред домовите, дуќаните и фирмите.

„ Временските услови се такви постојано врне и се напластуваат нови наноси снег. Ние ќе бидеме на терен, ќе ги менуваме екипите, но најавите се дека ќе има снег и денес и утре ќе да дадеме максимум улиците и тротоарите да бидат проодни“, вели Грданоски.

Од  ЈП  „Македонија пат“, работна секција Охрид, информираат дека постојано работат на чистење на снегот и сообраќајот се одвива нормално на сите патни правци. На расчистување на магистралните патни правци кон и од Охрид се работи со 4 специјални возила.