Skip to main content

Лишен од слобода пожарникарот кој повреди двајца негови колеги

Едниот од повредените заврши на скопските клиники во тешка состојба. Напаѓачот и претходно бил пријавуван на полицијата за насилство.

 |  Валентина Неловска  | 

Лишен од слобода Ј.К. четириесетгодишен пожарникар кој повреди двајца негови колеги во територијалната противпожарна единица во Охрид. Осомничениот сторител на казненото дело, вчера, во просториите на пожарната, со дрвен стап нападнал негов колега и го удрил во пределот на главата. Притоа на оштетениот му нанел тешки телесни повреди и го довел во животно загрозувачка состојба. Во дворот на противпожарната служба, осомничениот се сретнал со друг колега кого исто така го нападнал со удари. Од силината на ударите вториот оштетен паднал на снегот, а сторителот продолжил да го удира со клоци нанесувајќи му повреди по телото. По насилството, осомничениот избегал од местото на настанот, информира Стефан Димоски од СВР Охрид.


„ Вчера во 14 часот полициските службеници од секторот на СВР го пронашле сторителот. Тој е приведен и лишен од слобода. Денес, во соработка со Јавниот обвинител е поднесена кривична пријава и од страна на судија по претходна постапка му е одредена мерка притвор од 30 дена “, посочува Димоски.

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Охрид донесе Наредба за спроведување истражна постапка против осомничениот дека сторил 3 кривични дела : Тешка телесна повреда, Насилство и Загрозување на сигурноста . Се работи за сторител кој во минатата година во два наврати извршил казнено дело насилство и физички напад. Во февруари и декември минатата година во просториите на противпожарната единица каде што работел со свои колеги вербално се расправал и извршил физички напад и нанесол тешки телесни повреди.

„ Согласно законските одредби СВР Охрид, презела мерки и постапила со соодветна пријава. Поднесена е кривична пријава и сторителот бил предаден во надлежност на Јавното обвинителство“ , соопштува Димоски.

Мотивите за вчерашниот напад врз двајцата пожарникари се сеуште непознати. Се работи на нивно утврдување, посочува портпаролот на СВР Охрид. Командирот на ТППЕ Охрид, Спасе Прентоски денеска не одговараше на нашите телефонски повици.