Skip to main content

Карневалските маски во Вевчани инспирирани од актуелните политички случувања во земјава

Продефилираа василичари со маски на пратеници и политичари, тајни служби, СЈО. Василичарите симболично подигнаа ѕид со Северна Македонија.

 |  Валентина Неловска  | 

Низ Вевчанските улички продефилираа василичарите со карневалски маски. Традицијата продолжи со дефилето на маски преку кои се прикажаа актуелните политички случувања во земјава како што се промената на името, случувањата во собранието, предлог номинацијата за Нобеловата награда на Заев, бегството на Груевски. Имаше и групни маски кои се однесуваа на 8-те пратеници од опозицијата кои ги поддржаа уставните измени. Симболично подигнаа и ѕид со Северна Македонија. Вевчанските василичари со децении се инспирираат од актуелните случувања во животот.

Со изборот на василичарските маски традиционално политичарите се предмет на критика, а така беше и годинешниот карневал. Министерот за информатичко општество Дамјан Манчески беше меѓу посетителите, на како што рече, денот за сатира и шега. Манчески имаше обраќање до василичарите и кажа дека сепак до политичарите треба да допрат пораките кои се упатуваат од Вевчанскиот карневал.

„ Денес, сигурно ќе се смеам на она што ќе го гледам, а навечер ќе се замислам. Она што го велам ова е дел од критиката кон власта и тоа е нормално во демократијата. Власта е затоа, да биде критикувана и тоа може да направи подобра власт ако не треба да е сменета“, кажа Манчески.

Угостителските капацитети во Вевчани беа исполнети со гости, а за подигање на атмосфера беа задолжени музички групи.

„ На студеното време на минус 10 , минус 12 степени ја кренаа атмосферата Архангел и Галија. Концертот помина во одлична атмосфера “, подвлече Сашо Јанкоски , градоначалник на Вевчани.

Василичарите, според традицијата ги посетија домовите на вевчанци, а карневалот заврши денес на пладне со оро сред село и палење на василичарските маски.