Skip to main content

Се прават завршните подготовки за прославување на големиот христијански празник Богојавлени

Од утре почнува пријавувањето на фаќачите на крстот, а се очекува и пристигнување на казанот каде што ќе се подготви рибната чорба.

 |  Валентина Неловска  | 

Градот ги прави завршните подготвки за одбележување на големиот христијански празник Богојавление. Прославата ќе биде во духот на христијанската традиција, информира Константин Георгиески в.д градоначалник на Охрид.
„Јавните претпријатија беа ангажирани во чистење на плоштадот и пристапните улици. Денес почнуваме со украсување на градот. Очекуваме голем број домашни и странски гости кои ќе допатуваат да го проследат осветувањето на водите на Охридското езеро“, истакна в.д градоначалникот Георгиески.

Нуркачите од Амфора го завршија чистењето на просторот во езерото каде што ќе се фрла светиот крст, а на улиците ќе се постават мали црковни знамиња, подвлекува Љупчо Грданоски претседател на Организациониот одбор. Учениците од угоститеското училиште ќе ја готват традиционалната рибна чорба за која ќе се употребат 500 кг риба, додава Грданоски.

„Утре пристигнува казанот за подготовка на рибната чорба. Заради временските услови наместо на Сараиште ќе биде организирано на малиот плоштад кај хотел Александрија“, кажува Грданоски.

Илија Ристески, од Дебарско Кичевската Епархија, информира дека во 9 часот и 45 минути по отслужување на утринските литургии ќе тргнат кон градското пристаниште литиите од црквите Успение на Пресвета Богородица и Св.Никола Геракомија.

„Од утре официјално почнува пријавувањето на капачите во парохиските цркви. Сите ќе добијат насоки и програма за учество во празникот Водици и за Денот на рибарите“, укажува Ристески.

За капачите ќе бидат организирани бесплатни прегледи на одредени пунктови кои ќе ги постави ОО ЦК. Владиката Тимотеј ќе го дарува среќниот фаќач на крстот со златен крст и ланче, а градот со икона од Богојавление.