Skip to main content

Охридската градинка „Билјана“ доби вредна донација од дидактички и игровни материјали од менаџментот на ЈП „Билјанини Извори“

Донацијата се состои од телевизор, ДВД, печатач, теписони, детска литература–книги, сликовници, боенки, едукативни и гумени играчки, реквизити за спорт и слично.

 |   | 

Менаџментот на јавното претпријатие „Билјанини Извори“ денес на вработените во градинката „Билјана“ им предаде донација во вредност од 60.000 денари. Вршителот на должност градоначалник на Општина Охрид, Константин Георгиески истакна дека Општина Охрид, оваа година издвоила најмногу средства од буџетот, се со цел да се преземат инфраструктурни зафати на голем дел од образовните установи во градов, токму за подобрување на условите за работа во образованието. Имено, само 23 милиони денари се издвоени за изградба на нова градинка.

„Ваквите настани се дедн позитивен ветер во грб за образованието, за детската заштита, во градот и треба да се трудиме да ги имаме што повеќе во нашиот град. Ние сме свесни за состојбата во која се училиштата и градиниките, има доста места кадешто е потребна интервенција и поради тоа во буџетот кој го донесовме за 2019 година ни се планирани најмногу средства за образование оваа година“ рече Константин Георгиески – в.д. Градоначалник Општина Охрид.

Донацијата во дидактички игровен материјал, насловена „Од граѓаните за најмладите и најмилите“ се состои од телевизор, ДВД, печатач, теписони, детска литература–книги, сликовници, боенки, едукативни и гумени играчки, реквизити за спорт и слично. Активноста на ова јавно претпријатие е поддржана и од ТОП Маркетите, кои обезбедија по еден кроасан за секое детенце кое посетува градинка.

„Најголемиот прилив што го имаме се токму од тие паркинзи, во оние мерки во кои можеме да помогнеме, решивме од оваа година, континуирано да издвојуваме одредени средства со коишто ќе ги помогнеме одредени категории на граѓани во Општина Охрид. Сега се одлучивме за оваа градинка „Билјана“, потенцира Гордана Јованоска – директор ЈП „Билјанини Извори“.

Голема благодарност за донацијата изрази и директорката на детската градинка „Јасна Ристеска“ Мери Рилкова, која потенцира дека со донацијата во голема мерка ќе се збогати просторот во оваа установа.

„Со тоа придонесоа за креирање на стимулативна средина, за нашите дечиња. Ова нека биде поттик и за останатите чинители во пошироката заедница, во рамки на нивните можности, да го збогатат просторот и да предизвикаат радост, кај дечињата“ посочи, Мери Рилкова – директор ЈОУДГ „Јасна Ристеска“.

Но тука не запира потребата на овие образовни установи. Рилкова вели дека со зголемувањето на бројот на запишани дечиња, се зголемува потребата од наставно нагледен инвентар и дидактички игровен материјал, се со цел да се подобри квалитетот на наставата и престојот на најмалите.