Skip to main content

Охриѓани и стружани не се снаоѓаат најдобро на лизгавиот снег

Голем број граѓани се здобиле со сериозни скршеници. Од охридската итна медицинска помош апелираат повозрасните граѓани да не излегуваат без потреба на снегот и мразот.

 |  Валентина Неловска  | 

Докторите од службата за итна медицинска помош утрово кај двајца пациенти констатирале посеризони скршеници на екстремитетите. Тие се упатени на понатамошно лекување, информира д-р Ана Неделкоска , ракводителот на ИМП. Од почетокот на месецов до денес во нивната служба се евидентирани над дваесет пациенти со посериозни повреди на коските на разни делови од телото. Од охридската итна медицинска помош апелираат повозрасните граѓани да не излегуваат без потреба на снегот и мразот.

Јануарските мразеви и снегот биле кобни и за стружани. Од градската болница во Струга најтешките случаи ги препраќаат во болницата за ортопедија и трауматологија во Охрид, Свети Еразмо. Во оваа медицинска установа биле примени над 90 повредени лица од Охрид, Струга , Дебар и Кичево.

„Зголемен е обемот на пациенти кои доаѓаат во нашата установа заради повреди настанати најчесто при пад. Зголемен е обемот во однос на скршеници на коските на раце, нозе на ‘рбетот и на карлицата. Најголем број се згрижени амбулантно, а одреден број на пациенти се задржани на лекување и оперирани и се во добра состојба“, изјави Владимир Стрезовски- ортопед во болница за Ортопедија и трауматологија Охрид.

Стружани кои добиле сериозни скршеници најавуваат дека ќе ја тужат општината. Ќе бараат обесштетувања од општината и од јавното комунално претпријатие кое е задолжено за зимско одржување на градот. Директорот на Комуналното претпријатие во Струга, Иван Клечкароски вели дека тие ги вложиле сите максимални човечки и технички ресурси за расчистување на снегот и мразот. За дел од граѓаните кои најавуваат тужби тој вели дека јавното претпријатие жали за повредите, но не чувствуваат одговорност.