Skip to main content

Планинската спасителна служба која ги покрива териториите на општините Охрид, Струга, Вевчани, Дебрца и Ресен наскоро треба да го добие простории каде ќе биде сместен нејзиниот центар

Југозападниот дел од државава е дефинитивно еден од најпосетуваните и најатрактивните делови од државата за авантуристички туризам. Поради тоа огромна е потребата од совршено функционирање на организиран, брз и ефикасен систем за спасување на планина и тешко пристапен терен.

 |   | 

Спасувањето на планина, иако се базира исклучиво врз алпинистичките вештини, сепак е доста комплексна дејност, која за разлика од алпинизмот како спорт бара многу повеќе финансиски, материјално-технички и логистички ресурси. Европските фондови не смеат да бидат единствениот извор на финансии за квалитетно непречено и одржливо функционирање на Планинската Спасителна Служба. Тука треба да помогнат и локалните власти и државните институции, бидејќи пред се службата покрива територија од пет општини во југозапандиот регион на државава. Она што останува како цел во блиска иднина, е доопремување на службата со специјализирани транспортни средства за во зимски услови, со што целосно ќе може да одговориме на сите предизвици, вели Антонио Додевски – Раководител на Планинската Спасителна Служба.

„Доколку добиеме средства веќе од наредната година ќе започнеме со докомплетирање на оној недостаток кој го имаме, со специјализирани превозни средства, со гасеници, со специјална опрема за пребарување и спасување во лавини за да можеме да бидеме комплетно опремени според сите стандарди по кои работат останатите планински служби во Европа“ кажа Антонио Додевски – Раководител на Планинската Спасителна Служба.

Додевски објаснува дека планирана е и изработка на апликација за мобилни телефони, преку која посетителите ќе може да добиваат многу корисни информации за безбедноста и состојбата на теренот, но и да можат лесно да испраќаат сигнал за помош во оперативниот центар на службата, кој ќе содржи информации за нивната точна локација според ГПС системот, што значително ќе го намали врмето за интервенција неопходно за лоцирање на повредените. Иако оваа година Планинската спасителна служба не регистрира сериозни интервенции, трендот на зголемување на интервенции од минатите години, налага во овој регион да постои и функционира едно вакво тело.

„За среќа оваа зима немавме интервенции, меѓутоа и самите бевте сведоци дека на неколку наврати апелиравме, особено во оние периоди пред да има снежни врнежи, во периодите кога ја следевме состојбата на планините околу охридскиот регион, бидејќи нашата служба е посотојано во движење на планина, упатувавме јавни апели до граѓаните да бидат внимателни особено поради зголемената опасност од лавини, најголема опасност за рекреативците на планина и апелиравме до месното население во повисоките населени места да се обезбедат навремено и можеби тие апели вродија со плод“ посочи, Антонио Додевски – Раководител на Планинската Спасителна Служба.

Раководителот на Планинската Спасителна Служба вели дека во тек се градежните работи и за оформување на Центарот за спасување на планина, каде ќе се сместени и тренинг центарот и оперативниот центар, а при крај е и изработката на студијата за финансиска одржливот на овој проект, како и и концептот за организациска поставеност на службата, кои треба да бидат готови за еден месец, кои во голема мерка ќе помогнат во создавањето на цврста финансиска рамка, за одржливо функционирање на оваа служба. Покрај локалните власти, државните институции, можност финансиски да помогнат ќе имаат и бизнис секторот како сите поединци кои рекреативно уживаат во убавините на планината.