Skip to main content

Најдобриот полски кајак клуб на зимски подготовки во Охрид

12 кајакари од најдобриот клуб од Полска го избраа Охрид за зимски подготовки. Меѓу спортистите има 8 прваци на Полска и петмина светски шампиони. Охрид нуди идеални услови за кајкарење на мирни води и постои огромен интерес кај странски клубови да доаѓаат на подготовки на Охридското Езеро посебно во зимските месеци. Но потребни се просторни услови, пред се локација и хангар, кои во моментов единствениот охридски кајак клуб ги нема.

 |   | 

Охрид нуди идеални услови за кајакарење на мирни води. Деновиве на зимски подготовки во градов престојуваат 12 спортисти на најдобриот кајак клуб од Полска , „Енерегетик“ од Познањ. Полските кајакари тренираат заедно со членовите на  Кајак кану клуб „Стрмец“ од Охрид. Соработката помеѓу овие два клуба започнала пред 4 години.

„Се запознавме во градот Штум на меѓународна регата. Таму разменивме контакти. Минатата година дојдоа тука и учествуваа на нашата Илинденска регата. Им се допаднаа условите во Охрид затоа сега се тука на зимски подготовки на кајак на мирни води.“ -кажа Радован Попоски претседател  Кајак кану клуб „Стрмец“ од Охрид.

„Ние сме тука многу задоволни, многу е убаво времето пред се, потопло е од Полска, и всушност меѓу другото затоа тука и дојдовме. Бевме тука на регатата во август, минатата година, многу ни се допадна тука, Охрид, Македонија, фантастично време, супер луѓе пред се, многу пријателски расположени, многу мило не примија, практично со се сме задоволни тука.“ Петар Војчеховски – тренер КК „Енергетик“ Познањ, Полска.
      
Многу странски клубови се заинтересирани за подготовки во Охрид, посебно во зимскиот период, кажува претседателот на Кајак кану клубот Стрмец,  Радован Попоски. Но клубот  не може да им излезе во пресрет пред се поради немањето  соодветни просторни услови.  Од клубот Стрмец се надеваат дека локалната самоуправа  ќе покаже интерес и волја за поддршка на развојот на овој спорт. Во таа насока била и средбата на Радован Попоски од Стрмец и Петар Војчеховски, тренерот на  КК „Енергетик“ со в д Градоначалникот Константин Георгиески.

„Бевме во општина, кај градоначалникот. Разговаравме на тема овдешната инфраструктура и за тоа дека за клуб кој треба да се развива и кој треба да постигнува спортски резултати неопходна е база, база за тренинг и тоа тука недостига и притоа добивме уверување дека клубот во Охрид ќе добие соодветна локација и хангар кој ќе привлече спортисти и од Полска и не само од Полска туку и пошироко. Бидејќи во моментов дури и Федерацијата, Репрезентацијата на Полска бара некакво место каде би можеле да тренираат во овој период- февруари, март.“ –  кажа  Војчеховски.
      
Групата која во моментов е на подготовки во Охрид ја сочинуваат спортисти на возраст од 14 до 22 години. Од нив  осум кајакари  ја освоиле титулата Шампион на Полска, а 5 мина се закитиле со злато на светски првенства.  Со најголеми достигнувања кај Енергетик се истакнува кајакарот Славек кој две недели во Охрид тренира и споделува искуства со нашиот репрезентатвиец Владимир Велјаноски од клубот Стрмец.  Кога во езерото има бран кајакарите тренираат  во каналот бидејќи  тука водата скоро секогаш е мирна. Во близина им е фитнес клубот во СРЦ Билјанини извори каде ги одработуваат тренинзите на суво. Во Охрид ќе останат до 15ти март и се надеваат дека во иднина повторно ќе доаѓаат на подготовки во Охрид но и дека градот ќе обезбеди подобри услови за овој спорт.