Skip to main content

Жолта лента околу Али Пашината џамија и 24 часовен полициски мониторинг побараа од Совест на средбата со премиерот

Државниот градежен инспекторат да постави жолта лента околу Али пашината џамија со што ќе се забрани пристап до објектот како и 24 часовен мониторинг од полицијата со цел да се спречи нелегално градење на објектот. Ова се барањата од  Совест кои денеска ги упатија до премиерот на средбата во Скопје. Премиерот ветил дека ќе побара мораториум на  сите градежни активности на Али Пашината џамија во наредните два месеци за да може без зовриени страсти да се разгледа целата документација, целиот проект и да се постапи согласно закон.

 |   | 

Веднаш да се стави забрана на сите градежни активности на Али Пашината џамија.  Од страна на Државниот градежен инспекторат да се постави жолта лента со која ќе се забрани пристап до самиот објект како и 24 часовен мониторинг од страна на МВР со што  ќе се спречи  изведување на градежни работи на објектот. Ова денеска го побараа претставници на здружението Совест од премиерот Зоран Заев. Додека во Скопје, од здружението пред премиерот ги изнесувале аргументите и целокупната документација и кореспонденција со институции во врска со нелегалните активности врз културното добро Али пашина џамија, во охридската чаршија без престан се гради и извишува минарето. Од Совест, сепак,  се надеваат дека ќе се реализира ветувањето кое го добиле од премиерот дека нема да дозволи диво градење во центарот на Охрид.

„Премиерот внимателно ги ислуша сите наши аргументи и ни вети дека веднаш, уште во текот на денешниот ден, а најдоцна утре, ќе побара од Министерството за транспорт и врски, односно Државниот градежен инспекторат да донесат времена мерка, односно решение со кое ќе се стави мораториум на  сите градежни активности на Али Пашината џамија во наредните два месеци за да може без зовриени страсти да се разгледа целата документација, целиот проект и да се постапи согласно закон.- кажа за ТВМ, Томе Џамтоски од Здружение на граѓани СОВЕСТ.

Во официјалното соопштение од Владата за средбата, пак, стои дека се разговарало за наследените проблеми за спорната градба без соодветна документација на дел од религиозен објект во центарот на градот и за изнаоѓање на решенија согласно закон, а се разговарало и за аспектите за заштита на културното наследство во градот Охрид кое е од заедничко значење за сите граѓани.

„Премиерот Заев посочи дека институциите ќе постапат согласно законите на Република Северна Македонија и дека преку дијалог со сите засегнати страни, а имајќи ја во предвид сензитивноста на прашањето, ќе се изнајдат решенија во интерес на граѓаните на градот Охрид и на државата која останува посветена на заштита и промоција на богатото културно наследство што го поседува градот Охрид. “ – Влада на Р. Северна Македонија.

На прашањето кои ќе бидат идните чекори на Совест доколку не се исполнат нивните барања и дали протестот кој беше најавен па откажан поради средбата со премиерот и понатаму останува како опција, Џамтоски со одговор:

„Протестот е актуелен и не само што стои како опција туку ако не се постапи според нашите барања кои се разумни и се во интерес на сите охриѓани, тогаш ние ќе организираме протест.“

На средбата со премиерот присуствуваа и  в.д. градоначалникот на Општина Охрид, Константин Георгиевски, раководителот на секторот за урбанизам при Општина Охрид Бранко Арнаудов  и в.д. директорката на НУ Завод за заштита на спомениците и музеј, Охрид Елеонора Новаковска.