Skip to main content

ДИГУ да ги стопира нелегалните градежни зафати на Али Пашината џамија

И покрај донесените решенија од надлежни инспекциски органи за стопирање на градежните активности и изречената судска забрана, на Али пашината џамија континуирано се гради. Додека се чека Државниот градежен инспекторат да постапи и конечно да ги стопира нелегалните градежни активности за кои се води постапка и во основното јавно обвинителство, во охридската јавност се разгоруваат страстите. Чувствителниот проблем со реконструкцијата на џамијата ги допира  охриѓани и државата во целост но неговото значење е поголемо со оглед на фактот дека Охрид е под заштита на УНЕСКО.

 |   | 

Охридското Основно јавно обвинителство води правна постапка против правни и физички лица за неправилности при реконструкцијата на Али Пашината џамија. Oсомничените презеле градежни дејствија само врз основа на добиено конзерваторско одобрение во 2016 година, но не поседувале правосилно одобрение согласно прописите за градење од Министерството за транспорт и врски, без што не смееле да отпочнат активности за реконструкција на џамијата.
И покрај решенијата од инспекциските служби за стопирање на активностите и судската забрана, на терен интензивно се гради.

Инспекторите од Управата за заштита на културно наследство ( УЗКН) при последната инспекција на терен, утврдиле отстапувања од конзерваторското одобрение и за џамијата и за минарето, поради штo било донесено  решение за запирање на работите а инвеститорот е парично санкциониран.
Според раководителот на секторот за превенција и инспекциски надзор на културното наследство, при УЗКН,  Звонимир Николовски, ингеренциите на управата се дотука и понатаму ингеренциите треба да ги преземе градежната инспекција, при што крајната цел е запирање на градежните активности.

Од Државниот градежен инспекторат, иако неколку дена се обидуваме да добиеме информација што преземаат во врска со градежните активности на џамијата кои продолжуваат и покрај донесеното решение за забрана, ни беше кажано дека во моментов не можат да дадат одговор затоа што постапувањето е во тек и дека до крајот на оваа недела ќе излезат во јавност со извештај во врска со Али пашината џамија.
Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески  од Охрид порача дека градежниот инспекторат и сите институции кои имаат надлежности во случајот со Али Пашината џамија треба да постапат согласно закон.

„Нема да прифатам дека институциите немаат надлежности и да се префрлаат надлежности од една на друга, напротив секоја институција за тоа што е надлежна ќе мора да постапува. Инспекторатот мора да постапи за се што е надвор од  градбата што е дозволена. И тука сум многу јасен. “ – Горан Сугарески – Министер за транспорт и врски

Во меѓувреме темата за реконструкцијата на џамијата, која е заштитено културно добро и на која според издаденото конзерватрорско решение треба  се гради 32 метарското минаре,  ги разгорува страстите на социјалните мрежи. Во градот на добрососедство,  верска и меѓуетничка толеранција и соживот атмосферата станува се понаелектризирана посебно по најавата за протест од граѓанското здружение „Совест“.
Првиот човек на градот, Константин Георгиески  смета дека не се исцрпени сите средства за решавање на исклучително чувствителниот проблем.

„Мој став е дека протест треба да биде последна инстанца пред било каква друга солуција на решавање на проблемот со градбата на минарето и мислам дека ќе имаме некои средби деновиве кои ќе бидат во насока на решавање на овој проблем. –  Константин Георгиески – в.д Градоначалник на Охрид

Проектот, чиј носител е ИВЗ Муфтиство Охрид а го финансира дирекцијата на вакуфи на Турција, предвидува и изградба на минаре високо 32 метри. Министерството за култура, минатата година упати барање до УНЕСКО за стручно мислење, дали е во согласност со стандардите за заштита на Охрид да се реконструира  објект со толкави димензии кој ќе доминира над градот. Од Нациналната канцеларија на Унеско на почетокот на месецов ја побарале од Завод и Музеј целокупната документација и проектот за реставрација, конзервација и реконструкција на Али Пашината џамија. Истите им биле доставени и овој проект ќе се разгледува на следната сесија  на Советот на УНЕСКО во Азербејџан.