Skip to main content

Се подобрува оралното здравје кај охриѓани

Опаѓа индексот на појава на кариесни заби кај децата.  Националната стратегија за подобрување на оралното здравје дава резултати, информираат од превентивната детска стомотологија при ЈЗУ „ Здравствен дом“  Охрид.

 |  Валентина Неловска  | 

Се подобрува оралното здравје кај охриѓани. Резултати дава националната стратегија за подобрување на оралното здравје која се применува во зeмjава. Таа има за цел спречување на кариесот и други орални заболувања, информира д-р Александар Филдишевски специјалист по превентивна детска стоматологија од ЈЗУ „Здравствен дом“ Охрид. Стоматолозите по превентивна детска стоматологија прават редовни систематски прегледи на охридските ученици од основните и средни училишта. При тоа вршат залевање на здравите заби, ги едуцираат децата и родителите како правилно да се одржува хигиената на забите и која храна е добра за забите, подвлекува Филдишевски.

„Ако земеме во предвид дека во 2007 qp индексот кај децата на 12 годишна возраст изнесуваше скоро 8, а денес според статистичките показатели е под 2,5. Тоа значи дека сме постигнале редукција на кариесот скоро 3 пати помалку. QP индексот означува просечен кариес, пломбирани и екстрахирани заби кај едно дете. Пред 10 години имале 8 заби со кариес, пломби и екстракции. Денес тој број е помал и е 2,5,“ кажува д-р Филдишевски.

Специјалистите по превентивна стоматологија нагласуваат дека покрај залевањето на млечните заби, важна улога во зачувување на здрави заби имаат редовната посета на стоматолог, правилното одржување на оралната хигиена и исхраната со контолиран внес на шеќери.

„Залевањето на заби се врши на здрави заби. Забот да е здрав ако се детектира кариес го советуваме детето веднаш да го посети матичниот стоматолог и да му се санира забот“, вели д-р Филдишевски.

Редовните систематски прегледи на оралното здравје опфаќаат деца од 4 годишна, па се до средношколска возраст. Напуштена е програмата која се применуваше во 2007 година во градинките организирано да се дава на децата флуоризирано млеко. Тоа се покажа како застарена метода, напоменуваат стоматолзите. Денес флуор се применува според индивидулани потреби, не кај сите деца, туку само кај оние со висок ризик на кариес.