Skip to main content

„Жолта лента за соживот“ или протест

Дали во Охрид ќе има жолта лента за соживот или протест ќе се знае најверојатно во понеделник. За тогаш од Државниот градежен  инспекторат најавија дека ќе ислезат со став во врска со нелегалните градежни активности на Али Пашината џамија. Инспекторат во корелација со Министерството за транспорт и врски и Управата за заштита на културно наследство работеле на предметот со џамијата и ги утврдувале надлежностите. Од Здружението Совест чекаат да се исполнат ветувањата кои ги добија на средбата со Премиерот, инспекторатот да постапи по закон.

 |   | 

На Државниот градежен инспекторат не му се брза во случајот со Али Пашината Џамија. Денеска не излегле инспектори на терен да прават увид и да ја утврдуваат состојбата. Тоа било побарано вчера на состанок во министерството за транспорт и врски. Ресорниот министер Сугарески побарал од инспекторите да постапат по закон согласно своите надлежности и во најкус можен рок да излезат на терен да ја утврдат состојбата во врска со нелегалните градежни активности и да достават целосен извештај до министерството.
Предходно и од Управата за заштита на културно наследство УЗКН посочија дека конците се во рацете на ДИГУ кој треба да стави крај на незаконските градежни активности.
Од градежниот инспекторат пак велат дека во корелација токму со Министерството и УЗКН работеле на предметот и ги утврдувале надлежностите. Дали, како и кога ќе постапат, не откриваат.  Својот став ќе го соопштеле во понеделник.

Во меѓувреме во Охрид осамнаа плакати со натпис : Жолта лента за соживот. Тоа беше барањето на Здружението Совест до премиерот Зоран Заев. Градежниот инспекторат да постави жолта лента околу објектот и истиот да се обезбедува од полиција 24 часа со цел да се спречи градењето на диво.

„Во моментов се е во рацете на само една институција која треба да постапи Државен градежен инспекторат ДИГУ. Ако таа не си ги преземе работите во свои раце јас верувам дека народот ќе ја преземе работата и ќе излезе на протести. Ние мора да ги присилиме да работат по закон. Ако и тие не работат по закон ќе си се најдат на обвинителна клупа.“– Михајло Арнаудов – Здржение на граѓани СОВЕСТ

Нарушената толеранција и соживот во Охрид е резулатат на непостапувањето на надлежните институции кои се платени од даночниот денар на сите граѓани да го спроведуваат законот , велат од Здружението. Повеќе од две години трае голготата на дописи, барање информации, пристап до документи за на крај проблемот со дивоградењето на Али Пашината џамија да стигне до премиерот. Сега премиерот треба да менаџира проблем со дивоградба затоа што државните служби не си ја вршат работата, велат од Совест. Тие сметаат дека Проектот за конзервација, реставрација и реконструкција на Али пашината џамија е контроверзен од самиот старт, од издавањето на самото конзерваторско одобрение. Носителот на конзерваторското одобрение ИВЗ Муфтиство Охрид кој гради без да обезбеди правосилно одобрение согласно закон за градење и со тоа не го почитува член 6 од диспозитивот на конзерваторското одобрение, тврди дека има анекс на истото.

„Во записникот што го направиле, инспекторката од УЗКН Билјана Пачкова Куфојанакис, тие се повикуваат на анекс на конзерваторското одобрение. Во самото конзерваторско одобрение не бил предвиден ниту тремот што е направен, ниту дивоградбите позади како тоалети и канцеларии, ниту било предвидено минарето. Тие направиле во меѓувреме анекс, на чело со Тања Паскали Бунташеска, кој анекс сакале да го протнат. Меѓутоа сегашната директорка на НУ Завод и Музеј, Елеонора Новаковска , тој анекс го има поднесено до Основно јавно обвинителство“ – вели Михајло Арнаудов.

Од Здружението ште еднаш порачаа дека нивните заложби се за почитување на законите, заштита на културното наследство и почитување на културните разлики затоа што тие се богатство и врз нив се темели соживотот во Охрид.

„За волја на вистината во Охрид и охридско дивоградби има и МПЦ и за нив се води постапка на суд. Ние се стремиме да влезиме во ЕУ. Во Европа прво и основно е почитување на законите.“ – вели Арнаудов.

„Џамијата си е многу убава. Под џамијата има чудесни работи констатирани од овие служби за заштита на културно наследство, не од нас од Совест. Тие работат со багери и ги уништуваат затоа што џамијата била од 15 век. Да таа е од 15 век направена врз црква , црквата врз ранохристојанска базилика и тоа нема крај. А сето тоа е богатство. Зошто ние толку лесно се ослободуваме од тоа богатство. Станува збор за заштитено подрачје. Тука требаше да биде еден музеј, една мултикултура. Ние се почитуваме. Некој ми напиша на фејсбук: „тебе муслиманите многу те почитуваа , што е ова што го правиш?“ Што направив јас? Ако се почитуваме ќе ги почитуваме правата и обврските и на едните и на другите. “ – вели Михаил Трендафилов Нанче од Совест.

Инаку ЗГ Совест на средбата со премиерот Зоран Заев добиле ветување дека ќе биде донесено решение со кое ќе се стави мораториум на сите градежни активности на Али Пашината џамија во наредните два месеци за да може без зовриени страсти да се разгледа целата документација.  Дали доколку мораториумот се реализира ќе биде само смирување на состојбата во Охрид по однос на ова чувствително прашање за време на изборите или државата навистина ќе покаже дека е посветена на заштита и промоција на богатото културно наследство што го поседува  градот под УНЕСКО останува да видиме.