Не профункционираа законските измени со кои им се дозволи на занаетчиите да подучуваат калфи
Во тешки економски услови кога поголем дел од занаетчиите работат со блокирани сметки се соочуваат со нова давачка да им плаќаат на калфите за да го научат занаетот. Регионалните комори од земјава со претставници од Министерствот за економија ќе бараат нови решенија за подобрување на состојбите во занаетчиството.
Занаетчиите не ангажираат калфи да учат занает. Иако од пред 4 години занаетчиите добија таква можност со новиот закон за занаетчиство. Законот во пракса за овој временски период се покажа многу лош и неприменлив, вели Сашо Богоески, претседател на регионалната комора од Охрид. Занаетчиите во тешка економска состојба имаат голем број давачки кон државата, а за да ангажираат калфи се соочуваат со нов дополнителен издаток.
„ Има револт кај занаетчиите. Заради давачките ниеден занаетчија не е подготвен да одвои 6000 денари месечно за изучување на калфите во занаетската дејност. Тука се закочи работата. Нема интерес кај занаетчиите. Кај младите лица има интерес, но кога ќе им кажеш на занаетчиите дека еден од условите е една година да му плаќа месечно на ученикот, одбиваат и не земаат калфи“, кажува Сашо Богоески, претседател на регионалната комора од Охрид
Мајсторите не се согласуваат дека калфата ќе го научи занаетот за една година туку се потребни минимум три години, вели Богоески . За лошите законски решенија реагирале до министерството за економија и пред 4 години кога биле донесени. Утре, од регионалната комора од Охрид ќе дадат нови предлози како да се одржи и обнови занаетчиството. На средба со претставници од ресорното на министерство ќе се испорачаат предлози за поддршка од државата.
„ Сите занаетчии да се ослободат 3 години од плаќање персонален данок, пензиско и инвалидско осигурување. 40 посто од занаетчиите работат со блокирани жиро сметки. Така ќе им се помогне да ги исплатат заостанатите долгови. За дефицитарните занаетии ќе побарам целосно ослободување од давачките. За занаетчиите со непрекинат 15 годишен стаж да се ослободат 50 посто, а занаетчиите со над 30 години стаж да се ослободат целосно“, набројува Богоески дел од предлозите .
Сашо Богоески споделува дека високите давачки и ниските приходи во континуитет го уништуваат занатчиството. Во Охрид има 250 регистрирани занаетчии, а од година во година опаѓа бројот на ново регистрирани. Минатата година биле 14 пријавени и 14 одјавени и била најлоша во последните 10 години. Во првите три месеци од годинава биле регистирани 2 дејности и една испишана од регистерот на занаетчии.