Skip to main content

Џемал Менa најмладиот кандидат во трка за градоначалничката функција

Џемал Мена, советник во градскиот совет и со своите 25 години најмладиот кандидат во трка за градоначалничката функција. Дипломиран економист но моментално невработен, својата иднина ја гледа во родниот Охрид и се надева на подобри времиња за младите луѓе.

 |  Соња Рилковска  | 

25 годишниот Џемал Мена, од Беса е најмладиот кандидат во градоначалничката трка на овие избори. По националност Албанец, роден во Охрид  како прво дете во семејството Мена, кое брои  четири деца , важи за амбициозен и позитивен млад човек.  
Основно завршил во училиштето „Братство и единство“,  а средно во струшкото „Ибраим Темо“. Дипломирал на факултетот за економија на  дисперзираните студии на тетовскиот универзитет во Струга. Детството го минал на плажата во населбата Воска. Со другарите играле фудбал на игралиштето, а во лето се капеле на плажата.
Откако дипломирал работел како келнер, бил продавач, а кратко време се занимавал и со градежништво. Во политика влегол со желба да ги промени нештата.
„ Одлучивме да влезиме во политика пред шест години , бидејќи порано  секој кој доаѓаше ни ветуваше дека ќе биде подобро за нас. Кога завршивме средно школо најголемиот дел од друштвото ни замина странство. И ние одлучивме да влезиме во политка и допринесеме за промени како млади луѓе. Така и влеговме, цело друштво 18 луѓе сме во Беса.  Ние денес повеќе сме како граѓанска партија, не гледаме ниту националност ниту вера. Сакаме да има живот за сите“, вели Џемал Мена за ТВМ.
Не поканија во домот на Мена. Таму не пречека целото семејство и пријателите. Расположени, насмеани неговите родители  гордо велат синот  бил  темпераментно момче,  кое секогаш многу учело.
„Имам двајца браќа, една сестра и баба ми е со нас. Во иста куќа живееме и со стрико ми, тој е оженет. Првата ќерка му се омажи во Струга а другата е во Турција студира медицина. Стануваме сабајле, кафе ќе пиеме. После ако има некоја комисија во општина одиме. А потоа на терен со луѓето не само за избори  како другите туку секогаш ги прашуваме за проблеми“  , додава Мена.
Хоби му е играње фудбал или гледање спорт. Време за филмови  нема. Секое слободно време го резервира за дружба со другарите.
 „Фудбал играв сега малку поретко играм.  Моментално многу слабо гледам филмови  ни телевизија ретко само фудбал понекогаш. Презафатен сум по цел ден ми звони телефонот. Никогаш не го исклучувам сакам да им помагам на лугето кога се во некоја мака. Се знае во Охрид ако немаш врски нема да можеш да завршиш работа“ вели Мена.
Од неговите патувања  ги издвојува Швајцарија и Австрија како земји кои му се допаднале.
„Сум бил во Швајцарија во Цирих таму е стрико ми. Најмногу што ми се допадна  е едно мало гратче до Виена. Патишта средени, мал град за разлика од Виена која е метропола голема. Ме воодушевија некои работи. Кај нас сите директори возат службена кола кај нив не е така. Еднаш еден во Холандија советник раскажуваше како директорите кај нив не одат со службени коли туку со велосипед или пешки“, вели Мена.
Својата иднина сака да ја гради во родниот Охрид, тоа е градот покрај древното езеро , кое умее да ја избрише сета тага и влева надеж за подобро и посреќно утре.
„ Мојата иднина ја гледам во градот Охрид.  „Ќе одам во Албанија и после два дена не ми се седи. Сум навикнат да дојдам овде до езерото и  ми поминува времето брзо. Ако сум насекиран ќе ми пројде. Ако сум уморен се одмарам. “, вели Мена.
Младиот политичар сонува за  мултиетничко единство и слога. Да нема поделби и дискриминација на национална основа.
„Да се дружат еден со друг  сите македонци, албанци и турци, Тие многу малку се дружат. И партиите го користат тоа. Ни Македонец ни Албанец сите треба да се исти. Ние имаме луге во Охрид пример Албанец што нема ниеден другар Македонец и обратно тоа е многу  лошо“
Денес е невработен,  советник во градскиот совет.  Му помага на татко му, кој се занимава со водоводни услуги, или работи на проекти со другарите.