Skip to main content

Константин Георгиески е хуманист и голем вљубеник во Охрид

Планинар кој успеал да освои повеќе европски планински врвови ама Галичица за него има посебна магија. Хоби му се скијањето и моунтбајкингот, а во слободното време се дружи со пријателите и слуша поп рок музика. Неговата визија  е Охрид и Македонија да бидат просперитетно место за живеење на сите луѓе.

 |  Валентина Неловска  | 

 Доктор Константин Георгиески е семеен човек, во брак со Елена, татко на Калина и Ѓорги. Роден е во Охрид пред 41 година, каде што завршил гимназија во Св. Климент Охридски. Студиите по медицина и специјализацијата по интерна медицина ги завршил на Универзитетот Свети Кирил и Методиј во Скопје. Специјалистички едукации и обуки стекнал на Универзитетите во Финска и Соединетите Американски Држави. Професионалните почетоци му се во специјалната болница за ортопедија и трауматологија Св. Еразмо, а подоцна станува управител на ПЗУ „Дарон“. Пријателите и соработниците кои добро го познаваат доктор Константин Георгиески велат дека станува збор за чесен човек, едноставен , искрен и со директен став кон луѓето. За доктор Георгиески семејството е многу важна алка во животот на секој човек.

„Семејството за секој треба да биде мотивација за чесност, творење, напредок. Сите треба да се бориме семејството да го чуваме“, вели д-р Константин.

Името на д-р Константин Георгиески е добро познато во планинарските кругови и неговата страст за освојување на планинските врвови. Учествувал во бројни планинарски екпедиции искачувајќи ги Мон блан, Олимп, Кораб, Магаро. Меѓу планинските убавици за него планината Галичица и врвот Магаро имаат посебна магична убавина. Во Охрид , пак е голем вљубеник. Откриваме кои се неговите 5 омилени места во градот.

„Како пасиониран планинар и скијач на прво место ми се Галичица и Магаро, следуваат Св.Јован Канео, Св. Наум, Кејот Македонија најдостапното место каде што сите ние ги поминуваме сончевите викенди и слободното време со семејството, па Билјанини извори, Спортско рекреативниот центар, каде што како вљубеник во спортот играв кошарка“, набројува д-р Георгиески.

Како управител на ПЗУ „Дарон“ е во постојан контакт со пациентите. За изборот на една од најхуманите професии , вели дека дошол мошно природно бидејќи отсекогаш ги сакал природните науки.

„ Бев одличен ученик, природен смер во гимназија. Ме привлекуваа природните науки ги сакав физиката и биологијата, освојував награди. Мајка ми е лекар,сега во пензија па секојдневната блискост со медицината придонесе од мали нозе да ја засакам борбата за човечкиот живот и хуманоста. Тоа беше професија која ме влечеше, ја сакам професијата, сакам да им помагам на луѓето и безброј пати сум го докажал тоа“, вели д-р Георгиески.

Константин Георгиески, во слободното време сака да прочита добра книга и да погледне добра театарска претстава. Се релаксира на звуците од поп рок музиката. Ги слуша U2, Nickelback, Red Hot Chili Peppers, Metallica. Овој млад, енергичен човек, социјалдемократ, во политиката влегол како советник во градскиот Совет, а во моментов ја обавува функцијата в.д градоначалник. Во моментов заради многубројните професионални обврски има се помалку време за работите кои го опуштаат и го прават среќен.

„Кога имав повеќе слободно време со другарите возевме по Галичица моунтбајк велосипедизам и повеќе спортувавме“, вели Георгиески.

Неговата љубов и посветеност кон семејството, Охрид и Македонија се гледа од неговата одлука по специјалистичките едукации во странство да се врати во родната земја , грижејќи се за здравјето на своите сограѓани.

„ Пред дестина години бев подолго време на едукција во САД и тогаш беше моментот кога се кршеше одлуката да се вратам или да останам. Но, одлучив да се вратам и тука да основам своја иднина и со луѓето добро функционираме“, раскажува интернистот Георгиески.

Визијата и заложбите на д-р Константин Георгиески се Охрид и Македонија да станат подобро место за живеење и дел од развиениот свет. Посакува сите луѓе да добијат еднакви можности за просперитет во животот, посебно младите генерации.