Skip to main content

Николески: Проекти за решавање на проблемите со водоснабдување и отпадните води

Проекти за решавање на проблемите со водоснабдување и отпадните води значаен дел од изборната програма на Кандидатот за Градоначалник од СДСМ, Константин Георгиески. Изградба на нов водоснабдителен систем   кој ќе ја користи водата од изворот Дувло во атарот на село Свиништа е еден од плановите за решавање на долгогодишниот проблем со водоснабдувањето на градот Охрид и населените места од поранешната општина Косел, кажа Ристо Николески кој на прес конференција презентира дел од програмата на Георгиески. 

 |   | 

Приспособување на целата постоечка урбана и рурална инфраструктура да биде во функција на потребите на граѓаните е целта на кандидатот за Градоначалник Константин Георгиески.  Реализираме планови и проекти за секој граѓанин да добие решение кое ќе му го подобри животот во неговата населба или населено место, кажа Ристо Николески презентирајќи дел од програмата на Георгиески. Во таа насока, покрај континуирано вложување во системи за водоснабдување и одведување на отпадни води во урбаната зона и селските средини,  Николески најави проект за нов водоснабдителен систем.  

„Во текот на наредниот период, планираме да поведеме сериозна иницијатива за решавање на долгогодишниот проблем со водоснабдувањето на градот Охрид и населените места од поранешната општина Косел, со изградба на нов водоснабдителен систем кој ќе ја користи водата од изворот Дувло во атарот на село Свиништа.“ – Ристо Николески – ОО СДСМ Охрид.

Проектот за изградба на новиот водоснабдителен систем е изготвен и истиот е предвиден во Развојната програма за изградба на системи за водоснабдување, посочи Николески.

„Со овој проект ќе се обезбеди организирано водоснабдување со зафаќање на Свинишките Извори со доводен гравитационен цевковод во должина од 21 километар.  Проектот предвидува и изградба на прекидна комора, приклучни шахти за нaселените места, хлоринаторка станица и други придружни објекти. Со овој проект се очекува во Охрид да доаѓаат околу 150-200 литри гравитациона вода во секунда.“

Нашата цел е да инвестираме по приоритет, да градиме по план и да обезбедиме инфраструктура за сите, кажа Николески и потсети на проекти реализирани во изминатиот период а за подобрување на инфраструктурата во градот. Изведба и реконструкција на водоводна линија на дел од улиците „Кленоец“, „Дејан Војвода“, „Крали Марко“ и „Будва“, атмосферска каналиација на улица „АСНОМ“, дел од „Туристичка“, на улица „Егејска” и „Стив Наумов”, фекална канализација на дел од„15. Корпус“,„Ванчо Питошески“ и „Радојца Новичиќ“ , како и  на неколку локации во село Лескоец, Велгошти и во населбата Рача. Проектот за нова водоводна линија, атмосферска и фекална канализација на улицата „Абас Емин” е во фаза на реализација, кажа Николески.