Skip to main content

Милошевски: Сериозна стратегија и проекти за локален економски развој и развој на туризмот

Сериозна стратегија и проекти за локален економски развој и на туризмот како негов најзначаен сегмент, најави кандидатот за градоначалник од ВМРО ДПМНЕ Митре Милошевски. Формирање на Локален економски совет, Континуирана туристичка промоција на Охрид и Интензивирање на меѓународната соработка со соседните држави во насока на искористување на европските фондови за проекти на Локалната самоуправа, се само дел од она што е предвидено во програмата на Милошевски. 

 |   | 

Со сериозна стратегија и пристап кон туризмот како една од најважните економски гранки за охриѓани, директно ќе придонесеме во локалната економија која после падот и стагнацијата во последната година ќе даде оптимистички показатели, кажа денеска на прес конференција, кандидатот за Градоначалник на Охрид, Митре Милошевски. Тој најави низа мерки за развој на локалната економија со посебен акцент на туризмот.

„Формирање на Локален економски совет за интезивирање на соработката помеѓу општината и приватниот сектор. Изработка на студија за мапирање на стратешки индустриски сектори во регионот на Охрид за правилно насочување на ресурсите во градење на модерна индустрија која е неопходна за остварување на одржлив економски развој. “

Oтворање Туристичко биро во рамките на ТЛЕР, воведување бесплатен бежичен интернет на најпосетувани локации во градот, традиционално одржување на туристичката „Промотивна Тура“, Фестивал „OHRID CALLING“ како бренд кој  промовира Охрид насекаде низ светот, се дел од мерките содржани во изборната програма на Милошевски. Ќе се работи на перманентна  промоција на туристичкиот потенцијал, сместувачките капацитети и целокупната понуда на Охрид кажа Милошевски.

„Континуирана туристичка промоција на Охрид за јакнење на меѓународната соработка и зголемување на довербата со збратимените градови и со градовите со кои заедно аплицира, како и таргетираните дестинации во кои се врши промоција на градот Охрид. Интензивирање на меѓународната соработка со соседните држави во насока на искористување на европските програми за финансирање на проекти на Локалната самоуправа.“

Милошевски од својата изборна програма издвои и мерки како воведување видеонадзор на јавни површини и објекти од јавен карактер за зголемување на безбедноста, набавка на мултифункционална бина со озвучување и осветлување за поквалитетни манифестации и збогатување на туристичката понуда. Развојот на туризмот е наш врвен приоритет затоа што значи истовремено и директно и индиректно зголемување на бројот на вработени во градот, порача кандидатот за Градоначалник, Митре Милошевски.