Skip to main content

„Биро Веритас“ ја контролира состојбата на охридските бродови

Инспектори од  Меѓународната групација „Биро Веритас“ ги контролираат бродовите  кои вршат линиски превоз во водите на Охридското езеро. Целта е пред почетокот на главната туристичка сезона да се утврди безбедноста на бродовите кои превезуваат туристи. Воедно и  охридските инспектори вршат редовни и вонредни контроли на помалите бродови,  чамци и катамарани.

 |  Соња Рилковска  | 

Денеска и утре овластени инспектори на Меѓународната групација „Биро Веритас“  во Охрид прават  меѓуконтрола на патничките бродови,  кои вршат линиски превоз во водите на Охридското езеро.
Целта е пред почетокот на главната туристичка сезона да се утврди способноста и безбедноста на бродовите,  кои превезуваат туристи. Се контролира дали  пловилата ги исполнуваат пропишаните критериуми со кои се  гарантира безбедноста на патниците.
 „Имаме меѓупреглед на патничките бродови кој што е еднаш во три години. Значи имаме основен преглед, контролен, а сега имаме меѓупреглед без вадење на бродовите на суво. Кога станува збор за рекреативните пловни објекти онака како  што си е пловилата се конторлираат а сега сопствениците на пловни објекти кои се наменети не за спорт и рекреација туку за стопански цели за комерцијални цели ќе бидат повикувани на вонреден преглед за преглед на суво“, вели Горан Устијаноски капетан во Капетанија на пристаништа на РМ.
Ако од „Биро Веритас“ утврдат дека пловниот објект не ги исполнува пропишаните критериуми и не ја гарантира безбедноста на патниците, инспекторите можат да побараат поправка и отстранување на дефектите. Воедно и  охридските инспектори вршат редовни и вонредни контроли на помалите бродови,  чамци и катамарани.
„ Вонреден преглед може да се прави и на барање на инспекторот за внатрешна пловидба односно онаму каде што се сомнева на некаков недостаток тој може да побара на писмено од сопственикот да  го подвргне пловилото на вонреден преглед кој што  меѓу другото ќе биде и на суво. Тоа не е голема компликација бидејќи се прави на пловила како чамци лесно може да одат на суво и да се видат нивните пдоводни делови и после тој вонреден преглед тоа пловило  ќе може да биде во вода следните пет години“ , додава Устијаноски.
Дали некој брод е способен за пловидба, согласно Законот за внатрешна пловидба се утврдува со технички преглед од овластено и признато здружение за таква дејност. После потонувањето на бродот „Илинден“ се воведоа повисоки стандарди во контролата на техничката исправност на бродовите кои превезуваат туристи. Од 2010 година на секои три години „Биро Веритас“ ги вади бродовите на копно  за детален технички преглед.