Skip to main content

Високо признание за Охридско лето на ЕФА самитот во Лисабон

Фестивалот Охридско лето е на високото трето место во Европската Асоцијација на Фестивали.

 |   | 

Ваквото признание за нашата најголема музичко сценска манифестација пред се се должи на квалитетот на програмата кој се нуди изминативе 59 години, врвните светски имиња кои настапиле на фестивалската сцена како и фактот што Охридско лето е еден од најстарите Фестивали меѓу сите членки на Асоцијацијата.

Директорката на Охридско лето, Наташа Поповиќ , вели дека европските делегати едногласно ја дале поддршката Охридско лето да биде меѓу најдобрите на европската културна сцена токму поради големината на богатата историја на Фестивалот.

– Ова е само потврда дека сме надалеку познат и признат Фестивал, ценет од најголемата културна Асоцијација, еден од најстарите и најпочитуваните фестивали во тоа семејство. Добиваме бројни честитки и пофалби за големината на уметниците кои поминале низ годините но и за изборот на уметниците кои ќе настапат годинава. Навистина ми претставуваше гордост во својата презентација да ги спомнам големите имиња кои со свои маестрални дела оставиле печат во фестивалската историја како легендарниот руски виолинист Леонид Коган , виолончелистот Андре Навара од Франција, светскиот Хозе Карерас, Енио Мориконе и многу други кои учествувле на нашиот фестивал, смета директорката на Охридско лето.

Претставниците на европските фестивали-членки на Асоцијацијата исто така биле едногласни и во одлуката Охрид да биде домаќин на Генералното собрание на бордот на директори на ЕФА, , следната година кога Фестивалот Охридско лето слави јубилеј, 60 години успешно постоење.На Лисабонскиот самит директорката Поповиќ презентирајќи ја големината на Охридско лето го потенцирала и значењето во поглед на развојот на туризмот преку бројните гости кои пристигнуваат во Охрид токму поради квалитетот на фестивалската програма која се нуди од 12 јули до 20 август.

-Од оваа година започнуваме со новините за збогатување на културната понуда. Направивме неколку концерти надвор од фестивалската рамка, чекор со кој веруваме дека ќе придонесиме кон развојот на туризмот преку цела година. Охридско лето ќе биде дел и од туристичката понуда на агенциите а промоцијата од оваа година ќе биде збогатена и со воведување туристички водич за уметниците, вели Поповиќ.

На годинешново 67-мо генерално собрание на ЕФА учествувале 230 делегати од 80 европски фестивали.