Skip to main content

Нанче: Изградба на меморијален центар на културите во Охрид

Михаил Трендафилов- Нанче кандидат за градоначалник на Охрид, од  Граѓанско Демократска Унија, на прес-конференција истакна дека Охрид е симболот на Македонија. Најави изградба на меморијален центар на културите во Охрид.

 |  Валентина Неловска  | 

На денешната прес-конференција Михаил Трендафилов- Нанче кандидат за градоначалник на Охрид, од редовите на Граѓанско Демократска Унија уште еднаш во својата кампања се наврати на темата за Али Пашината џамија за која вели дека била еден од мотивите да се кандидира за градоначалник. Охрид е симболот на Македонија. Не смее да се обележуваат територии со градење на 32 метарско минаре, со една единствена цел демонстрација на моќ, посочи Нанче.

„ Јас имам решение за проблемот, изградба на меморијален центар на културите. Јас и партијата што ме поддржува немаме ништо против џамијата и минарето. Сакам да се изгради камбанарија до минарето. Пред XVI век на местото на џамијата имало црква, пред неа имало и ранохристијанска базилика. Историјата на Охрид не започнува од XVI век. Ако станам градоначалник и овој мој проект стане реалност, Охрид ќе стане единственото место во светот каде еден до друг греат симболите на две големи цивилизации“, подвлече Нанче.

Зарем има подобар начин да му покажеме на светот дека ние охриѓани имаме заеднички живот за пример. Јас сакам Охрид да грее, да биде град за пример. Јас тоа го мислам, верувам во него, а во ваши раце се и најдемократските „куршуми“, пенкалото и гласачкото ливче, им порача на охриѓани Михаил Трендафилов- Нанче кандидат за градоначалник на Охрид, од листата на Граѓанско Демократска Унија .