Skip to main content

Георгиески: Водевме позитивна кампања и понудивме реално остварлива програма

18 дена водевме кампања со високо ниво на политичка култура на што сум горд. Го промовиравме сработеното и реално остварливи проекти за во идниот период, кажа на завршна прес конференција пред изборниот молк, кандидатот за Градоначалник на Охрид од редовите на СДСМ, Константин Геогиески. Обвини дека неговиот политички противник ВМРО ДПМНЕ водел црна кампања со лажни вести, клевети, навреди, и серија напади врз него како кандидат за градоначалник и како вршител на должноста градоначалник на Охрид.

 |   | 

На последниот ден од изборната кампања кандидатот за градоначалник од СДСМ, Константин Георгиески се осврна на тоа како протекоа изминатите 18 дена. Потенцира дека тој и неговиот тим воделе исклучително позитивна кампања во која охридската и пошироката јавност ја запознале со нивните идеи, планови и конкретни мерки за Охрид да биде место со кое сите ќе се гордееме. Го промовиравме сработеното, а посебен акцент ставивме на нашата програма за идниот период составена од реално остварливи проекти базирани на проблемите и потребите на охриѓани, кажа Георгиески.

“ Горд сум на наративот и високото ниво на политичка култура кое го покажавме за време на кампањата. Воведуваме нови стандарди. Времето на манипулаторите и сеачите на магла е завршено. Има разлика! Има голема разлика а охриѓани најдобро го знаат тоа. Охрид има огромен потенцијал, но на Охрид му се потребни вистински луѓе. Потребни се посветени професионалци кои тимски, заедно, ќе го направат Охрид посакувано место за живеење и светска туристичка дестинација! “– порача  Георгиески.

Георгиески кажа дека за време на кампањата бил напаѓан неговиот личен интегритет и кредибилитет од страна на политичкиот противник ВМРО ДПМНЕ. Авторите на црната кампања се во белата палата во Скопје а нивните читачи на соопштенија и говори од охридскиот комитет, очигледно, и не знаат подобро, обвини Георгиески.

„Од другата страна, за жал, имаме политички противник кој не успеа да се надмине себеси па својата безидејност и немоќ се обидува да ја компензира со ниска, примитивна кампања. Нивната реторика, составена од лажни вести, клевети и навреди, започна уште пред почетокот на кампањата а континуирано го засилуваше интензитетот во текот на овие 18 дена. Јас лично, како кандидат за градоначалник и како вршител на должноста градоначалник на Охрид сум изложен на серија дрски, безобзирни напади базирани на лаги и инсинуации.“ – обвини Георгиески.

Георгиески порача дека охриѓани заслужуваат повеќе и Охрид заслужува да оди напред. Ги покани граѓаните  Големиот Граѓански митинг, закажан за вечерва на Градскиот плоштад, со почеток од 20 часот и 30 минути. „Ајде заедно, уште еднаш да покажеме дека сме многубројни, сплотени и цврсто определени да одиме напред!Изборот е едноставен. Избираме подобра иднина за нас, за нашите деца и за нашиот град! “ – кажа кандидатот за Градоначалник од редовите на СДСМ , Константин Георгиески.