Skip to main content

Милошевски: Подготвена е сеопфатна стратегија за развој на туризмот

Преку сеопфатната долгогодишна стратегија изготвена од врвни експерти од Факултетот за туризам и угостителство цврсто сме решени да направиме  Охрид да биде конкурентен во 21 век, потенцира Милошевски.

 |   | 

Охрид  мора да има стратегија во туризмот. Туризмот и угостителството имаат голем потенцијал за понатамошен напредок и развој во сите нивни сегменти и заради тоа дефинирањето на насоките, целите и задачите е од основна важност за развој на нашиот град, кажа денеска на прес конференција кандидатот за Градоначалник на Охрид од ВМРО ДПМНЕ, Митре Милошевски. Негова примарна цел ќе биде отворањето можности за нови вработувања во туризмот и угостителството  со помош на формирање претприемачки инкубатор за нови бизниси за млади лица како и изработка на студија за мапирање на стратешки индустриски сектори во регионот на Охрид.
Милошевски вели дека подготвена е сеопфатна стратегија со која јасно и прецизно се дава одговор на три значајни прашања:
1. Каков треба да биде туризмот? (брендирање, целогодишен-продолжување на сезоната, развиен на цела територија, разновиден, иновативен и прилагодлив спрема преференциите на туристите); 2. Кои се клучните предуслови за развој на туризмот? (долгорочна заштита на просторот и одржливо управување со екосистемот, конкурентност и атрактивност за инвестиции, активирање на државниот имот со цел туристички развој, зголемување на знаењата и вештините на сите нивоа, дестинациско управување); и 3. Со што туризмот ќе ја привлекува побарувачката? (гостољубивост, квалитет, автентичност, разновидност на содржини и доживувања, сигурност-безбедност).- кажа Милошевски.
Преку сеопфатната долгогодишна стратегија изготвена од врвни експерти од Факултетот за туризам и угостителство цврсто сме решени да направиме  Охрид да биде конкурентен во 21 век, потенцира Милошевски.
„Ние не сакаме Охрид да тапка во место, ние сакаме Охрид секој ден да се движи кон нови пазари, да вработува нови луѓе, да ја збогатува туристичката понуда, да станува сè поконкурентна туристичка дестинација која создава нови мотиви за доаѓање на странски и домашни туристи, не само во летните месеци, туку и во текот на целата година.“- потенцира Милошевски

Сите проекти коишто се презентирани во Програмата За убав град ќе бидат ставени во функција на унапредувањето и подобрувањето на туризмот и угостителството, им порача на охриѓани кандидатот за градоначалник од ВМРО ДПМНЕ.