Skip to main content

Милошевски: Професионална администрација ослободена од партиски спреги

Стручна и ефикасна, отчетна и транспарентна администрација треба да биде лицето на Охрид, кажа на прес конференција кандидатот за Градоначалник Митре Милошевски. Вети дека ќе стави крај на чекање за услуга и давање мити и дека доколку стане градоначалник неговиот кабинет ќе биде отворен за граѓаните.

 |   | 

Локална самоуправа со одлики на работа, чесност, отчетност и одговорност треба да биде лицето на градот. Потребни се структурни, а не инцидентни реформи, кажа денеска на прес конференција Митре Милошевски, кандидат за Градоначалник на Охрид од ВМРО ДПМНЕ. Додаде дека без силна политичка волја, нема професионална администрација.

„Во Локалната самоуправа има квалитетни кадри кои совесно си ја вршат својата работа, но треба уште повеќе да ги мотивираме за да се залагаат што повеќе во своето работење, а со тоа граѓаните да можат да ја добијат соодветната услуга која им е потребна.“ – кажа Милошевски.
Со програмата За Убав град Милошевски најави реформа во јавната админстрација со проектот Е-Охрид преку надоградување на електронскиот систем што меѓу другото ќе значи и ставање крај на чекање редици и давање мито. Нема да дозволам никакво користење на општинските добра за приватни цели, туку средствата ќе бидат наменети во интерес на граѓаните, порача Милошевски.

„Администрацијата мора да се врати на професионалните стандарди и институциите да се ослободат од духот на политиканството. Општина која ќе се ослободи од партиските спреги и ќе се посвети на решавање на проблемите на граѓаните. Мора да има деполитизацијата на администрацијата и затоа уште еднаш апелирам да престанат притисоците во јавната администрација. “ – потенцира Милошевски.

Милошевски најави дека ќе формира квалитетен стручен тим кој ќе му помага да менаџира со заложба да се помогне на секој граѓанин во остварување на своите права. Мојата канцеларија ќе биде отворена за секој граѓанин, преку отворен ден со граѓаните, каде што ќе ги сослушам нивните идеи, предлози, мислења, критики, ветува Милошевски.