Skip to main content

Горан Папаз со групата „ Агапе“ ќе имаат настап пред папата Франциск

Папаз ќе свири соло, а се погрижи и за аранжманот на неколку композиции. Настанот ќе се случува во дворот од Католичката црква „Пресвето Срце Исусово” во Скопје каде што папата ќе има екуменска и меѓурелигиска средба со младите.

 |  Валентина Неловска  | 

Горан Папаз, познатиот саксафонист од Охрид, заедно со црковната музичка група „Агапе” утре ќе настапат пред папата Франциск. Папаз ќе свири саксафон соло на три песни со текстови во кои се слави името на Господ. Охридскиот музичар пред утрешниот настап, за кој добил покана од Дон Давор, споделува какво е чувството да се свири пред гостин од таков висок ранг како што е Папата, кој за прв пат доаѓа во посета на нашата земја.
„Бев изненаден. Јас сум православен христијанин и очекував дека тоа ќе биде затворен круг внатре кој ќе го водат тие. Не очекував дека ќе бидат толку отворени што е супер, да ме поканат и мене. Бев пријатно и позитивно изненаден“, изјави Папаз за  Твм Телевизија.

Горан Папаз се погрижи за аранжманот на трите песни за да звучат како класични поп хитови. Ова е одлично искуство за мене, ова ми е награда за досегашниот труд и мотив за понатаму, вели охридскиот музичар Папаз. Саксафонистот открива на што работи во моментов.

„Работам на нов проект „Елегија“ со колегата Трајче Гроздановски. Песната „Спомени“ е веќе пуштена во етер. Станува збор за интересен проект, каде што ќе бидат преработени 4-5 македонски народни песни и 5-6 автентични нумери. Проектот е поддржан од Хрватска музичка продукција Менарт во соработка со Сони мјузик од Америка. Сеуште е рано, но до крајот на летото ќе имаме резултати и интересна музичка приказна“, кажува Папаз.

Во музичкото портфолио на Горан Папаз стои дека свирел пред познати имиња од различни области, како и од светот на политиката, но за прв пат ќе свири пред една висока црковна личност како што е Папата Франциск. Горан Папаз беше член на музичката група Суперхикс од 2009 до 2013 година кога беше снимен и албумот „Африка“.