Skip to main content

СВР Охрид го одбележа 7ми мај

СВР Охрид го одбележа 7ми мај, Денот на безбедноста и македонската полиција. На свеченоста присуствуваше и градоначалникот Константин Георгиески кој го истакна значењето на полицијата за безбедноста на државата и градот. Портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски рече дека СВР Охрид, како и целата македонска полиција денес преземаат ефикасни и ефективни демократски мерки во градењето на безбедоносната состојба. 

 |  Јаковлева Лионела  | 

Денот на безбедноста и македонската полиција – 7 Мај одбележан и во СВР Охрид. На свеченоста присуствуваше и градоначалникот Константин Георгиески кој го истакна значењето на полицијата за безбедноста на државата и градот и уште еднаш ја потенцира сложеноста на овој позив.
Вие сте тие кои гарантирате безбедност и сигурност за сите граѓани во едно општество, а наша е обврската во рамки на своите надлежности да обезбедуваме услови и да ги поддржиме Вашите проекти. Соработката меѓу општина Охрид и полицијата секогаш била добра, а така ќе биде и во иднина. Сите заедно ќе продолжиме да работиме на воспоставување на блиска соработка меѓу полицијата и граѓаните, рече градоначалникот Георгиески.
Како потврда за добрата соработка меѓу локалната власт и СВР- Охрид градоначалникот ја посочи заедничката трибината со граѓани што двете институции ќе ја одржат овој четврток во општината, на која ќе се изнесуваат мислења за режимот на сообраќај во стариот дел на Охрид за време на летната туристичка сезона.
Полициските службеници ги поздрави и началникот на СВР Охрид, Сашо Смилески.
Чест и задоволство ми е да сум со сите вас со кои сме имале одлична соработка и се надевам дека таа ќе продолжи и во понатамошниот период, посочи Смилески.
Портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски рече дека СВР Охрид, како и целата македонска полиција денес, исправено стојат пред предизвикот да бидат институција што во секој поглед ќе биде безбедносен гарант, сервис на сите граѓани.
Преземаме ефикасни и ефективни демократски средства во градењето на безбедоносната состојба на целото подрачје на СВР Охрид, се обидуваме нашата професионалност да ја подигнеме на повисоко ниво, па полициските службеници постојано се на одредено усовршување, а тоа значи и етичност во работењето, а и транспарентноста ни е нависоко ниво, рече Димоски.
Тој посочи дека во првите четири месеци од оваа година, во Охрид регистрирани се вкупно 177 кривични дела со 45 проценти на реализација, што претставува намалување во однос на истиот период лани кога биле евидентирани 225 кривични дела и 35 проценти реализација.
На свеченоста им беа доделени благодарници за посебен придонес во работата на полициските службеници Кире Стојоски од полициската станица Охрид и Гоце Огненоски од полициската станица за безбедност во сообраќајот.
На настанот присуствуваа и бројни претставници од органи на државната управа, образовните центри, јавните претпријатија и други гости.