Skip to main content

Изборите поминаа, минарето се гради

Изборите завршија, градежните работи на Алипашината џамија продолжија. Од Здружението Совест обвинуваат дека се изиграни. Велат испорачале жолт картон до надлежните, следувал црвен.

 |   | 

Од Здружението „Совест“ алармираат  дека и покрај најавите за престанување со градежни работи на минарето на Али Пашината џамија во Охрид, тоа сепак се гради. По краткото затишје за време на изборите , од здружението велат дека се крева нов кат на минарето. На социјалните мрежи објавија фотографија направена денес, на која се гледа дека продолжуваат градежните работи.

“Поминаа изборите и веќе си тераaт по старо. Еве денес, 08.05.2019 година се подготовува нов спрат нa минарето на дивоградбата Aлипашина џамија. Правда? Закон? Жолт картон? Дали е разбрана пораката? Почитувани, 5-ти мај помина, Охрид нема време да чека,“ порачаа од „Совест“.

Додават дека довербата повторно е дадена, а жолтиот картон веќе го испорачале.
„ Не дозволувајте да не изиграте, зошто следен е црвен.“- порачуваат од „Совест“

Премиерот Зоран Заев, пред изборите, во Охрид изјави  дека решение за нелегалните градежни активности на Али Пашината џамија ќе се бара после изборите а дека до тогаш нема да има никакви зафати на објектот. Кажа дека предизборниот период бил сензитивен.  „Одлучивме ова прашање да го разгледаме на заеднички состанок во Владата после 5ти мај и да го изнајдеме решението.“ – изјави премиерот на крајот на март и уште еднаш порача дека законите во државата треба да се почитуваат, но додаде дека решенијата за ваквите проблеми како спорната реконструкција на џамијата и изградбата на 32 метарското минаре треба да се бараат и со меѓусебна почит и разбирање во рамките на религиската разноликост како богатство.

За разлика од премиерот, од Исламската верска заедница во медиумите излегоа со став дека изградбата на 32метарското минаре за ИВЗ е завршена работа и дека компромис за стопирање на изградбата нема да дозволат.

За случајот со Али пашината џамија постапка се води во Основното јавно обвинителство Охрид, кое поднесе кривични пријави против повеќе физички и правни лица кои се товарат дека спротивно на законот и без да обезбедат соодветно одобрение за градба отпочнале активности на објектот.