Skip to main content

Охридските гимназијалци повторно настапуваат на Драмскиот Аматерски Фестивал во Кочани

Под раководство на професорката Ирена Бачиќ, талентираните млади актери од Охрид, на овој фестивал кој и годинава има меѓународен карактер, ќе се претстават со претставата „Совршени странци“, работена по сценариото на Филипо Болоња за истоимениот филм.

 |   | 

Што би се случило доколку се откријат сите тајни од т.н. „црни кутии“, нашите мобилни телефони? Сите смс пораки, сите телефонски, повици, сите фотографии и разговори од социјалните мрежи? Едно од можните сценарија ќе може да го проследите во претставата „Перфектни странци“ работена по сценариото на Филипо Болоња за истоимениот филм. Младите актери од ОСУ „Св. Климент Охридски“ речиси два месеци неуморно работеле на оваа претстава под менторство на професорката Ирена Бачиќ, а веќе наредната недела истата ќе ја постават пред охридската публика и ќе ни ја приближат приказната со која може да се поврзе секој.

Огнен Секулоски кој го толкува ликот на Роко, објаснува дека една од главните поенти на претставата е да осознаеме колку технологијата ги окупира нашите животи и нè отуѓува од нашите партнери и од семејства, колку лагата станува поважна од вистината. Работната верзија на сценариото ја добиле од актерката Ирена Ристиќ од Драмски театар од Скопје, која толкува една од главните улоги во истоимената претстава, и истата не претрпела големи измени, објаснува Секулоски.

„Најголем број од измените се однесуваат на прилагодување на драмскиот текст, за нашата публика. Бевме замолени да не правиме некои големи измени бидејќи, текстот го добивме како подарок и не бараа ништо за возврат, така да се обидовме да се држиме до оригиналот. Има некои мали измени кои ни помагаат во помнење на текстот или поразбирливо“ вели Секулоски.

Мила Коруноска пак, која го толкува ликот на ветеринарката Бјанка, вели дека неуморно работела за да направи своја верзија на ликот кој го толкува во претставата.

„Најмногу направив своја верзија од ликот, нормално со помош на мојата професорка којашто и мене и на сите други не упатуваше како да го одглумиме ликот и воглавно се држевме до текстот и додававме некои наши, минимални, лични измени, со цел да се појача изразувањето на ликот“, објаснува Коруноска.

Исто така со претставата „Перфектни странци“ нашите гимназијалци ќе се натпреваруваат и на годинешното 56то издание на Драмскиот Аматерски Фестивал на Македонија кој се одржува во Кочани, фестивал кој има меѓународен карактер. Михаил Талев, кој го толкува ложикот на Џузепе, се надева дека нивниот повеќемесечен труд ќе биде награден на фестивалот.

„Ликот го спремав со помош на мојата професорка, околу два месеци и го изгледав филмот неколку пати, за да ги прифатам тие италијаснки манири, бидејќи Џузепе е таков, нервен тип“, кажуа Талев.

Премиерните изданија на претставата се закажани за среда и четврток, 15 и 16 мај, во 20 часот на сцената од малата сала на центарот за култура „Григор Прличев“. Цената на влезницата е 100 денари, а резервации за билет може да направите на тел. број 075 453 434.