Skip to main content

Врнежите ќе ја подобрат хидролошката состојба на езерото и реките во охридскиот слив

Наредните четири дена во нашата земја се очекуваат интензивни врнежи од дожд. Од Управата за хидрометеоролошки работи велат дека не се очекува врнежите да предизвикаат поплави и излевања на реки и водотец, но сепак добро е состојбата будно да се следи. Екипите од Општина Охрид денес беа на терен.

 |   | 

Под влијание на студен бран од Медитеранот, денес и во наредните четири дена во нашата земја се очекуваат интензивни врнежи од дожд, на места и до 50 литри на метар квадратен а во западните предели и до 70 литри на метар квадратен. Од Управата за хидрометеоролошки работи велат дека не се очекува врнежите да предизвикаат поплави и излевања на реки и водотеци, освен во исклучителни случаи на натпросечни врнежи. Општина Охрид во повеќе наврати интервенираше на чистење на каналите и речните корита така што до излевањње на водите не би требало да дојде, велат од таму.


„Денес поголем дел од нашите служби се на терен и будно ја следат состојбата и се надевам соодветно ќе одговориме на сите предизвици кои ќе ги донесе дождот и топењето на снегот,“ вели Томе Џамтоски, портпарол на Локалната самоуправа.

Според последните мерења на Управата за хидрометеоролошки работи, извршени утрово, нивото на Охридското Езеро се наоѓа на 693,38 метри надморска височина, што е за речиси 20 сантиметри под просекот за мај кој изнесува 693,66 м.н.в.  Ниско е нивото на реките во сливот на езерото. Нивото на реката Сатеска измерено кај Ботун е 33 сантиметри под просекот за мај. Реката Црн Дрим,  е 90 сантиметри под просекот за овој период од годината, покажуваат денешните хидролошки мерења. Според податоците на УХМР, нивоата на сите реки се под мајскиот просек.  Периодов на интензивни врнежи се очекува значително да ја подобри хидролошката состојба на реките и езерата.