Skip to main content

Охридските пожарникари го прославија денот на пожарникарството во РМ

Охридските пожарникари го прославија денот на пожарникарството во РМ. Градоначалникот Константин Георгиески им го честита празникот и им посака многу успех, но и среќа во работата која знае да биде и тоа како ризична. Оваа единица минатата година, а и од почетокот на оваа година имала голем број интервенции, но успешно се справува со предизвиците.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Со звукот на сирените охридските пожарникари го прославија денот на пожарникарството во РМ. На одбележувањето присуствуваше и градоначалникот Константин Георгиески кој им го честита празникот и им посака многу успех, но и среќа во работата која знае да биде и тоа како ризична. Георгиески рече дека соработката на Локалната со Територијалната противпожарна единица секогаш е на завидно ниво и дека така продолжуваат и во иднина.

Ние како Локална самоуправа веќе работиме на план за одредена модернизација како и возобновување на материјалните средства, на возниот парк, а и на други потребни помагала за пожарникарите. Решен е и проблемот од минатото со заостанати неисплатени прекувремени сати и продолжува соработката, рече градоначалникот.

Командирот Спасе Прентоски кажа дека минатата година, а и од почетокот на оваа година имале голем број интервенции. Лани имале 286 интервенции, а од 1ви јануари до денес имале 222 интервенции што е навистина висока бројка.

Ние високо професионално се справуваме со сите проблеми и предизвици кои неочекувано се појавуваат како проблем кај граѓаните. Пожарите 99% се предизвикани од граѓаните, некои со намера, а некои од невнимание, вели Прентоски.

Територијалната противпожарна единица започнува интензивно да се подготвува за летниот период кога пожарите се многу почести, посебно во јули и август и дел од септември кога температурите се повисоки. Прентоски кажува дека возниот парк е во релативно добра состојба, а и пожарникарите кои се ангажирани се снаоѓаат со сите предизвици иако не се многу на број.