Skip to main content

Куче бездомник нападна и повреди малолетно девојче

Дедото на девојчето вели дека неговата внука заврши со сериозни повреди на рацете и дека случајот го вознемирил целото семејство. Според кажувањата на нивните соседи кучето скитник и претходно напаѓало луѓе. 

 |  Валентина Неловска  | 

Куче бездомник нападна и повреди малолетно девојче во близина на охридската болница. Милчо Трифуноски, дедо на девојчето кое дошло кај нив на гости, раскажува дека неговата внука била нападната од куче скитиник и завршила со сериозни повреди на рацете. Трифуноски вели дека овој немил настан ги вознемирил неговите внучиња , но и целото семејство. Раскажува како се случил настанот кој можел да има и посериозни последици по неговата внука.

„Вчера, бев во дворот и ги гледав внуците како играат. Кучето се зададе од другата страна на просторот и мислев нема да им се приближи, но застана и скокна на девојчето, можеше да го собори на земја, но јас изреагирав и го остави, но со повреди по двете раце. Девојчето и внуците се преплашија имале ноќни кошмари, трауми, тешко спиеле и се плашеле“,вели вознемирено дедото .

Бездомното куче веќе 3-4 месеци живее во нивна близина и се храни од околните контејнери на болницата. Од соседите слушнав , вели Трифуноски, дека истото куче и претходно нападнало луѓе.

„Ова е втор случај не само во Охрид туку и во другите градови. Сликата е иста кучиња скитници, мачки по контејнери да ти е страв да излезеш на улица. Снаа ми оди рано наутро на работа и истото куче ја нападнало, било агресивно кон неа, но таа се одбранила.Напаѓа и големи и мали“, кажува Трифуноски.

Случајот со нападот на напуштеното куче врз малата Ивана е пријавен во полиција. Од таму ги посоветувале прво медицински да се згрижи девојчето, а потоа ќе преземат мерки. Семејството се надева дека институциите ќе преземат соодветни мерки за да ги заштитат луѓето од нападите на бездомното, агресивно куче.