Skip to main content

„Вдиши театар“ по 6ти пат ќе ги обедини младите од регионов

Меѓународниот фестивал „Вдиши театар“ по 6ти пат ќе ги обедини младите од регионов кои преку претстави ќе испратат силна порака заснована на хуманост, морал и високи етички вредности. Фестивалот на 12ти јуни ќе биде отворен со претставата Домино на  театарската група при Црвен крст Охрид. Учество ќе земат групи од организации на Црвен Крст од Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина.

 |   | 

Се подготвува шестото издание на фестивалот „Вдиши театар“. Свеченото отворање е закажано за 12ти јуни. Фестивалот ќе го отворат младинците од театарската група при Црвен крст Охрид со перформанс и претставата „Домино“ во предворјето на црквата Св Софија.

„Претставта Домино е многу интересна претстава со тематика од секојдневието, и за младите и за возрасните, за сите љубители на театарската игра. Има и еден перфорнманс кој ќе ги поврзе сите оние содржини, сите претстави кои  Црвен Крст ги одигра на досегашните пет изданија на Фестивалот Вдиши Театар, така што публиката ќе може да се запознае што се случувало низ изминатите 5 години. “ – вели Сашо Точков Претседател на  Црвен крст Охрид.

На сцената ќе излезат 25 младинци кои изминативе 3 месеци активно ги следеа театарските креативни работилници. Во рамки на овогодинешните подготовки за Вдиши театар се реализира и тридневен едукативен камп во Велестово под водство на Јован Цветкоски, Весна Терзиоска и Јованка сион Доленц.  Вдиши театар е меѓународен фестивал на кој ќе гостуваат групи од Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и секако од Македонија ќе гостува Црвен крст Битола. Сите тие организации на Црвен Крст поттикнати од Вдиши Театар на охридската организација и во своите градови иницирале формирање на театарски групи.


„Еве тие прераснаа во групи кои што можат да даваат, презентираат претстави со силна порака која е заснована на хуманост, морал, високи етички вредности што навистина недостасува во денешно време. Но ние преку волонтерите, вкупно 40 вклучени во претставата и перформансот, сакаме да ги промовираме, практикуваме и да ги „заразуваме“ и другите млади луѓе во Охрид и пошироко. – вели Точков.

Точков упати покана до граѓаните да бидат дел од ова издание на Вдиши театар, да ги поттикнат и дадат признание на младите коишто навистина поминуваат долго време вежбајќи и подготвувајќи го новото издание на фестивалот. Дел од претставите ќе се прикажуваат во предворјето на Св Софија а дел во ЦК „Григор Прличев“. Влезот за сите претстави ќе биде бесплатен.

Инаку, годинава Црвен Крст Охрид, по втор пат, е добитник на признанието ПХВ Пехар за најбројни и најквалитетни изработени проекти во ПХВ програмата (Промоција на хумани вредности) од околу 30 организации на Црвен Крст од државава со преку 500 проекти.   Програмата ја работеа 7 групи млади луѓе кои преку креативни проекти помагаа на ранливата категорија граѓани. Пехарот на ОО Црвен крст Охрид ќе му биде доделен на 20 јуни од страна на Црвениот крст на Македонија.