Skip to main content

Советникот Џемал Мена најави дека ќе поднесе кривична пријава против колегата советник за физички напад

Советникот Џемал Мена најави дека ќе поднесе кривична пријава против колегата советник за физички напад,  како и дека ќе побара полициско обезбедување за него и членовите на неговото семејство, по вчерашниот инцидент за време на седницата на градскиот совет. Тој го наметна прашањето за безбедноста на советниците во општинската зграда. Од локалната го осудија настанот но без одговор на прашањето кој се грижи за обезбедување на општината и дали планираат да преземат мерки за поголема безбедност во општинската зграда и на седниците на совет.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Советникот Џелал Мена не се чуствува безбедно на седниците на градскиот совет. Вели дека по вчерашниот инцидент кога бил нападнат од негов колега, неговото функционирање во советот во иднина ќе му создава притисок и вознемиреност.

Утре кој мене ќе ми гарантира , а и на другиве советници ако нешто се случи. Немаме никаква сигурност. Треба да има контрола, треба да има осигурување, треба да има полицајци, бидејќи понекогаш на седниците доаѓаат и граѓани па може да дојде и до поголем инцидент, вели Мена.

Од Локалната самоуправа го осудуваат вчерашниот инцидент меѓу советниците и сметаат дека тоа не доликува на избрани претставници на граѓаните.

„Советници се гласот на граѓаните, а Советот највисок претставничи орган кој треба и мора да работи во интерес на граѓаните и решавање на нивните потреби. Сметаме дека ваквото однесување е изолиран инцидент и нема да се повтори во иднина и ги повикуваме советниците да се однесуваат во духот на демократијата и почитување на различните мислења.“


Од локалната самоуправа побаравме информација кој врши обезбедување на советниците и дали тоа е законска обврска, дали после инцидентот ќе преземат некакви мерки за зголемување на безбедноста за време на одржување на седниците на совет. Во телефонски разговор ни беше кратко кажано дека општинската зграда ја обезбедува Секјуриком, без никакви детали за обрските на фирмата и дали истата треба да се грижи и за безбедноста на советниците.
Контактиравме и со дел од советниците. Дел велат дека се чувствуваат безбедно , но од други не добивме коментар. Со официјално соопштение до јавноста советниците од ВМРО ДПМНЕ го осудија инцидентот и упатија критика дека институцијата Совет го достигнала дното.
„Дигнитетот на Советот е нарушен на што предупредивме дека непринципиелни предизборни договарања, компромитирачки одлуки не водат кон добро и интерес на граѓаните. Ги повикуваме надлежните институции сериозно да се позанимаваат со случајот за што не смее никакво толерирање. Локалната Власт на институцијата која припаѓа на граѓаните и го зададе најнискиот удар за што ако има грам совест ќе си понесе одговорност. ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид будно ќе го следи епилогот на правната разврска, “ велат од ОК на ВМРО ДПМНЕ.

Побаравме став и од советничката група на СДСМ, но до затварањето на дневникот не добивме.

Советникот Џемал Мена во изјава за медиумите најави дека ќе поднесе кривична пријава против колегата советник, како и дека ќе побара полициско обезбедување за него и членовите на неговото семејство.
Од СВР денес информираа дека по целосно документирање на настанот, против лицето Н.У. кое е пријавено за физички напад над советникот Мена, ќе поднесе соодветна пријава.