Skip to main content

Јубилејно издание на Меѓународната ликовна колонија „Вевчански видувања“

Годинава  на колонијата учествуваат 35 уметници од сите страни на светот, како и 12 млади талентирани уметници, кои што ќе творат со своите поискусни колеги во прекрасниот амбиент на Вевчани. На крајот од секоја колонија, а во функција на натамошно афирмирање на уметноста, организаторите издаваат висококвалитетен каталог на македонски и на еден од светските јазици. Потоа примероци од каталогот, се доставуваат на поголем број еминентни институции и личности од светот на уметноста.

 |   | 

По десетти пат, во прекрасниот амбиент на Вевчани, се одржува Меѓународната ликовна колонија „Вевчански видувања“, што традиционално ја организира познатиот ресторан „Виа Игнација“. На јубилејното издание на колонијата учествуваат 35 уметници од сите страни на светот и 12 млади талентирани уметници, кои што ќе творат со своите поискусни колеги во Вевчани.Ефимија Угриновска Кукоска, од организациониот одбор на Меѓународната колонија „Вевчански видувања“, кажа дека Вевчани од секогаш било инспирација за уметниците да творат во оваа прекрасна природа, а до сега, на оваа реномирана културно-уметничка манфестација имаат земено учество над 150 еминентни ликовни уметници од државата и странство.

„Делата кои ќе бидат насликани на Меѓународната колонија во Вевчани се презентираат на изложби во Македонија, низ културнте цвентри, но и во Европа. Со тие изложби ние правиме промоција на самата колонија, Вевчани и Македонија, но и промоција на уметниците и на нивното творештво. Исклучително сме горди на досегашните изложби што ги имаме направено низ Европа и се надевам дека и во иднина ќе продолжиме и со тој тренд“ вели Ефимија Угриновска Кукоска – организациониот одбор на Меѓународната колонија „Вевчански видувања“.

Познатиот македонски уметник Петар Попчев е дел од ликовната колонија во Вевчани од самите нејзини почетоци. Вели дека годинешното издание според конкуренцијата на домашните уметници, е најсилно до сега.

„Вевчанската колонија, оваа година од странските колеги не ги познавам, меѓутоа од македнските е најјака досега. најверојатно бидејќи е јубилејна десетта, но убавината на оваа колонија не е во природата, природа има и на друго место, не е убавината во нивната лесност и гостопримливост, туку во нивната гордост. Вевчанци се навистина горди луѓе и кога ве сакаат ве сакаат со цело срце. Но јасно е дека треба да им вратите, дали со однжесување, дали со сликите“ кажа Петар Попчев – уметник Северна Македонија.

Петар Бељашки, уметник од Пловдив, Бугарија, трет пат е во Вевчани и како што вели, секогаш е воодушевен од атмосферата која владее на колонијата.

„Ова е сериозна колонија и не сум бил на друго место каде така сериозно се работи.Јас сликам модерни, апстрактни форми, и вистинска инспирација ми е шумата и водата тука, како што реков многу убава е природата тука и секако колегите кои тука сме собрани“ рече Петар Бељашки- уметник – Пловдив Бугарија.

Македонскиот уметник Ефтим Ристов, вели дека е воодушевен од опкружувањето од организацијата, дека станува збор за едно прокрасно место во кое живеат пракрасни луѓе, место во кое од секаде се црпи инспирација.

„Втор пат доаѓам овде и овде се раѓа водата, овде звукот на водата е инспирација за моите слики. Може да видите има некои од минатата колонија. прекрасно место, прекрасни луѓе, прекрасни колеги, се е убаво.Мислам дека е е една од подобрите и тоа во голема мера зависи и од местото и од луѓето кои учествуваат на колонијата“ објасни Ефтим Ристов – уметник Северна Македонија.

Во знакот на децениското постоење на Колонијата беа доделени одличија „Плакета порта“ на академикот Глигор Чемерски (постхумно), на академски сликар Петар Попчев, на француската сликарка Ми Ан Хо. Од 2010, секоја година на крајот на месецот јуни, во реномираниот ресторан „Виа Игнација“, во Вевчани, се организира Меѓународната ликовна колонија „Вевчански видувања“.Отоврањето на јубилејното издание на колонијата беше збогатено со прекрасен целовечерен концерт на хрватските музички ѕвезди Петар Грашо и Даниела Мартиновиќ.