Skip to main content

По втор пат охриѓани лидери во развојот и промоцијата на рецептивниот туризам

Охридската туристичка агенција, „DMC Balkans Travel & Events“ две години по ред прогласена за тим на најдобри туристички работници во својата држава. На Меѓународната туристичка манифестација „World Travel Awards 2019“, која неодамна се одржа во Мадеира Португалија уште еднаш покажаа дека со многу труд и посветеност остануваат неуморни во идејата за продавање на Охрид и Македонија како туристичка дестинација, буквално насекаде во светот

 |   | 

На доделувањето на наградите на Меѓународната туристичка манифестација „World Travel Awards 2019“, што неодамна се одржа на островот Мадеира во Португалија, охридската агенција „DMC Balkans Travel & Events“ е прогласена за најдобар тур оператор во сопствената држава. „World Travel Awards“ го поддржува, промовира и развива глобалниот развој на туристичката индустрија со тоа што веќе 26 години ги идентификува најдобрите претставници од областа на туризмот и го наградува нивниот квалитет и успех во работењето. За локалната агенција „DMC Balkans Travel & Events“ која работи на полето на дојдовен или рецептивен туризам, ова е второ признание од глобалната манифестација.

„DMC Balkans“ по втор пат и оваа година во Мадеира Португалија ја доби наградата за најдобар инкаминг туроператор во својата земја. Лани истата награда ни беше доделена во Атина во Грција. Се доделува на компании кои придонесуваат за развој на туризмот во сопствените држави. Во овој период на нашето работење вложивме многу труд и многу знаење за да допринесеме многу повеќе како една од ретките македонски компании која носи вакви гости. За да се избориш и донесеш ваков вид на гости, треба многу работа и некој нов модул на пренесување на пакетите кои се продаваат во Балканот и Македонија“ вели Филип Стефановски – „DMC Balkans“.

Стефаноски објаснува дека оваа година направиле добар маркетинг и успеале Охрид како дестинација да го продадат на далечниот Исток, вo Малезија, Индонезија, Сингапур, Тајван и Кина. Многу внимание се посветува на посетата на големите саеми за туризам. Се претставиле со штанд на саемот во Сингапур, а ќе бидат присутни и на саемот во Малезија во септември, како и во Лондон и Варшава.

Стефаноски вели дека како туристичка дестинација, мора да се посвети внимание да доаѓаат гости со поголем квалитет, од пазари кои се добро развиени. Но, за да донесеме такви гости помошта од државата секогаш е добредојдена. Нивните клиенти се дел од кружни тури и најчесто престојуваат два до три дена кај нас. Главната идеја е како да ги задржиме повеќе денови во Охрид, вели Стефаноски.

„Искрено ние пакетот го продаваме во склоп со големите балкански тури. Ја вклопуваме Македонија со Хрватска, БИХ, Србија, Бугарија и Грција и многу полесно ја продаваме. Исклучиво Македонија како пакет за тие далечни источни држави многу тешко може да се продаде. Иако државата дава голема помош со тие субвенции, летовите кои помагаат сега во моментов Македонија да биде поврзана, е потешко само Македонија да се продаде. Иако правиме пакети во Македонија во тие стандардни 2-3 ноќевања да ги зголемиме барем на 4 ноќевања“ кажа Филип Стефановски – „DMC Balkans“.

„DMC Balkans Travel & Events“ главно работи на промоција и продажба на културниот туризам. Така на гостите кои ги носат од Турција, Азија, Централна и Источна Европа, покрај географските и природните убавини им се претставуваат сите културно историски богатства на нашата прекрасна земја, вели Стефановски.

Во време кога туризмот станува една од водечките стопански гранки во светот, а сумите со кои се работи од ден на ден стануваат вртоглави, факт е дека ние како општество мора да поработиме на подобра поврзаност на Охрид како водечки туристички центар, со инвестирање во модернизација на сообраќајната инфраструктура со која се поврзуваме со соседството и светот.