Skip to main content

Три дена на Долни Сарај ќе се одржува Балкнаскиот фестивал на народни песни и игри

Од утре до 8 јули во Охрид  по 58 – ми пат ќе се афирмираат музичките културни вредности на народите. Од оваа година фестивалот  има нова содржина.  Во центарот за култура ќе има проекции на три краткометражни етно филмови.

 |  Валентина Неловска  | 

Утревечер, на летната сцена Долни Сарај по 58-ми пат ќе се одржи манифестацијата Балкански фестивал на народни песни и игри. Почнува со традиционалното дефиле на учесниците низ чаршијата кои на трите фестивалски денови ќе прикажат богата музичка програма од земјите од каде што доаѓаат. На најстарата фолклорна манифестација на Балканот се афирмираат музичките, културни вредности и традиции на народите. Годинава, покрај изведбата на народни песни игри од разни делови на земји од Балканот, фестивалот е збогатен со нова содржина кои ќе се презентираат во Центарот за култура, информира Горан Симоноски , директор на Центарот.

„Новитет на годинешното издание на Балкански фестивал е прикажување на 3 етно филмови. Тоа се Водичарке, Оплитање и Пишање на невестата за кои проекции ќе има на 6-ти,7-ми и 8-ми јули, пред почетокот на фолклорните изведби на Долни Сарај“, вели Симоноски.

Балканскиот фестивал за народни песни и игри ќе го отвори, со фолклорна програма „ Танец“,  Ансамблот за народни игри и песни на Македонија. Овој ансамбл годинава одбележува јубилеј 7 децении од формирањето. На Балкански фестивал за народни песни и игри ќе гостуваат фолклорни ансамбли од Србија, Бугарија, Црна Гора, Албанија и од земјава. Од регионов има фолклорни друштва од Вевчани и Кичево. Од охридските друштва ќе се претстави ансамблот Бисери.

Со квалитетна презентација на фолклорната традиција на земјите ученсици , во текот на сите овие изминати 57 изданија од кога се одржува Балканскиот фестивал , тој е отворена сцена за комуникација на културите на народите. На Балканскиот фестивал тоа му донесе заслужено место во каталогот на најзначајни фолкорни манифестации во светот.
Покровител на Фестивалот е Собранието на Република Северна Македонија. Организирањето на фестивалот е овозможено со материјална помош на Министерството за култура, општина Охрид и пријатели на фестивалот.