Skip to main content

УНЕСКО му даде уште една шанса на Охрид

„УНЕСКО му даде уште една шанса на Охрид, до 1 ви февруари да ги исполни сите 19 препораки или во спротивно на следната сесија на Комитетот за светско наследство  ќе заврши на листата загрозени подрачја. Пред да биде донесена оваа одлука Комитетот изгласа прогласување и на албанскиот дел на Охридското езеро за заштитено подрачје.

 |   | 

Продолжување на рокот за спроведување на препораките за заштита на Охридскиот регион е одлуката на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО на 43. сесија што се одржува во Баку, Азејберџан. Комитетот гласаше по амандман поднесен од БиХ, Кина , Унгарија и Бразил според кој властите во Македонија до 1ви февруари 2020 треба да поднесат нов целосен извештај за преземените мерки за зачувување на универзалната културна и природна вредност на Охридскиот регион. Предходно Комитетот изгласа статус на заштитено светско наследство да добие и албанската страна од езерото.

На следната 44та сесија, Комитетот повторно ќе ја разгледа состобата со овој регион и во случај да не се исполнат препораките на реактивната мисија од 2017 година и во дополнителниот рок, Охрид ќе биде ставен на листата Светско наследство во опасност.
Главното барање на УНЕСКО е прогласување на мораториум на секакви урбани трансофрмации на брегот на Охридското Езеро. Од вкупно 19 препораки во целост исполнети се само стопирањето на проектите за експресен пат Охрид – Св наум, ски центар на Галичица и Туристичко развојни зони во заштитен појас.

Токму поради тоа што „најголем дел од препораките не се исполнети“ претставниците на советодавните тела на УНЕСКО, Комитетот на УНЕСКО како Меѓународната Унија за конзервација на пририродата (IUCN), Меѓународниот совет на споменици и локалитети ( ICOMOS) и претставниците на сесијата од невладиниот сектор побараа Охрид без одложување да биде прогласен за загрзено наследство. Тие посочија дека и покрај предупредувањата низ годините урбанизацијата како најголема закана за подрачјето само добивала на интензитет.

Токму со таа закана ќе треба да се справи Општина Охрид во следните 7 месеци. Отстранувањето на палмите, билбордите и изработката на регистарот на дивоградби е само почеток на работите. Од вкупно 1076 дивоградби, фантастична бројка од 409 нелегални објекти се лоцирани во заштитен појас, односно на крајбрежјето на Охридското Езеро, во потегот на Националниот парк „Галичица” и во Стариот дел на градот. Градоначалникот Константин Георгиески, по враќањето од Баку, првиот проблем со кој треба да се зафати е рушење на дивоградбите. Премирот Зоран Заев вчера изјави дека ако не постапува по однос на дивоградбите самата Општината, ќе постапела државата.

Почитувани, со големо задоволство сакам да Ве информирам дека Комитетот на светско наследство на УНЕСКО на својата 43-та сесија која се одржува во Баку, Азербејџан, денеска официјално одлучи Охридскиот регион да не биде впишан во Листата на Светско наследство во опасност.

Оваа одлука се заснова на констатираниот напредокот во реализацијата на препораките од мониторинг мисијата на УНЕСКО од 2017 година и нашите заложби за успешноста на овој процес. Доделен ни е дополнителен рок за реализација на останатите препораки, а нашиот регион ќе биде на дневен ред и на 44-та сесија на Комитетот за светско наследство во 2020 година. Повеќе детали за ова тема ќе соопштиме официјално, по моето пристигнување во Охрид. Ја очекувам Вашата поддршка во целокупниот процес, напиша на својот фејсбук профил, градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески.