Skip to main content

Се санираат штетите по синоќешното невреме на југоисточното крајбрежје

Невремето кое во текот на ноќта го зафати југоисточниот дел од општина Охрид предизвика одредени материјални штети во Трпејца, Љубаништа и комплексот Св Наум. Во овие населени места проблематично е напојувањето со електрична енергија. На територија на општина Струга пак има проблем со водоснабдувањето поради дефект на трафостаница кај Шум.

 |   | 

Големото невреме проследено со силен ветер, град и дожд направи пустош во југозападниот дел од Македонија. Преспанско охридскиот регион беше најпогоден.  Невремето кое во текот на ноќта го зафати југоисточниот дел од општина Охрид предизвика одредени материјални штети во Трпејца, Љубаништа и комплексот Св Наум но за среќа нема повредени лица. Во автокампот Љубаништа, кај Свети Наум, уништени се дел од приколките и шаторите, искршени дрвја паѓале врз приколки и откорнати се настрешници. Во селото Трпејца како и во комплексот „Св.Наум“ има паднати дрвја, а направена е и материјална штета на еден угостителски објект во с.Трпејца, како и во комлексот Св.Наум каде е оштетен кров на еден од објектите во комлексот. Службите на Локалната самоуправа во текот на денешниот ден  преземаат мерки за проценка на штетите на југоисточното крајбрежје. Невремето предизвика прекин и во напојување со електрична енергија, велат од Центарот за управување со кризи.

„Во овие населени места од југоисточниот дел на општината, Трпејца, Љубаништа, комплексот Св Наум па се до границата некаде после 19 часот имаше прекин на напојувањето со електрична енергија, според моите информации, со повреме прекини и до овој момент е проблематично снабдувањето со електрична енергија со тоа што екипи на ЕВН се постојано на терен и работат на отстранување на настанатите проблеми.“ – вели Митко Темелковски – ЦУК.

Сообраќајот на патниот правец Охрид Св Наум  во синоќешните часови се одвивал отежнато но до раните утрински часови состојбата е целосно санирана и сообраќајот се одвива непречено. Во охридскиот регион од Центарот за управување со кризи немаат дојава за штети предизвикани од електрични празнења. Но гром предизвикал проблеми во струшко.

„ На територија на општина Струга поради електрично празнење, удирање гром во трафостаница  во населеното место Шум моментално е во прекин водоснабдувањето поради прекин во напојување со струја на пумпниот систем.- вели Темелковски.

Јавното претпријатие „Проаква“ информира дека трансформаторот претрпел големо оштетување. Екипи на претпријатието заедно со ЕВН Македонија прават напори да го оспособат трансформаторот, со цел во текот на денот да се нормализира снабдувањето со вода за пиење. Апелираат до корисниците од Струга и околните села да преземат потребни мерки за да имаат вода барем за основните потреби додека не се санира  дефектот.