Skip to main content

Ново лето, стара слика

Дивите продавачи на бостан и ова лето со камиони доаѓаат и се лоцираат на разни места низ градот продавајќи ги своите производи на диво, во несоодветни хигиенски услови и најчесто без фискална сметка. Од Локалната велат дека Комуналниот инспекторат во соработка со полицијата и пазарната инспекција минатава недела излегле на терен и имаат намера да стават крај на оваа појава.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Ново лето, стара слика. Повторно дивите продавачи на бостан со камиони доаѓаат и се лоцираат на разни места низ градот продавајќи ги своите производи на диво, во несоодветни хигиенски услови и најчесто без фискална сметка. Оваа појава се провлекува години наназад, но никако да се реши.
Тука треба инспекциските служби да интервенираат бидејќи секој има своја надлежност, во некои случаи треба и полицијата да интервенира, а и пазарната инспекција бидејќи најчесто овие продавачи немаат регистрирано фирма, вели Кристина Крлеска Деспотоска, директор на ЈП „Градски пазар“.

Од Локалната велат дека Комуналниот инспекторат во соработка со полицијата и пазарната инспекција минатава недела излегле на терен, но на нивно големо чудење не нашле ниту еден продавач кој на диво продава бостан. Но, од таму велат дека тоа не значи дека ги нема. Најверојатно некој им дојавил дека ќе се контролира па навреме си заминале. Во споредба со минатите години, нивниот број е значително намален, но сепак ваквата продажба не е во согласност со законот па имаат намера навистина да стават крај на оваа појава. Најдобро решение за тоа е отварање кванташки пазар.

Кристина Крлеска Деспотоска, директор на ЈП „Градски пазар“

Ние како јавно претпријатие поднесовме барање за формирање пазар на големо и чекаме секој момент да добиеме одобрение за локација, вели директорката.

Од Локалната велат дека кванташки пазар има во градов уште од минатото лето на локација во близина на општата болница, но дека интересот за негово користење е мал бидејќи продавачите не сакаат да плаќаат надомест па подобро им е да продаваат на јавна површина.